Сушата во Бразил откри антички карпести резби на човечки лица

Резби во Бразил / Фото: Michael Dantas / AFP / Profimedia

Падот на нивото на водата на Амазон откри резби од карпи кои главно биле потопени откако биле издлабени пред повеќе од илјада години. Тешката суша значи дека сега лесно може да се забележат човечките лица издлабени во карпите на брегот.

Некои од нив биле забележани за време на претходна суша, но археолозите велат дека овој пат успеале да лоцираат поголема разновидност на резбите. Откритието е направено во градот Манаус, во северен Бразил, пренесува Би-Би-Си.

Тие се наоѓаат на делот од брегот познат како Понта дас Лајес, во близина на местото каде што Рио Негро и реката Солимес се влеваат во Амазон.

Резби Бразил / Фото: Michael Dantas / AFP / Profimedia

Археологот Хаиме Оливеира изјави за локалните медиуми дека тие биле издлабени од луѓе кои живееле во областа во предколумбиско време.

„Овој регион е предколонијално место кое има докази за окупација што датира од пред околу 1.000 до 2.000 години. Она што го гледаме овде се претстави на антропоморфни фигури.“, рече тој.

Друга карпа има жлебови за кои се смета дека домородните луѓе во областа ги користеле за да ги острат своите стрели. Резбите последен пат биле видени во 2010 година, кога нивото на водата на Рио Негро паднала на 13,63 метри. Во неделата, нивото на реката првпат се спушти на под 13 метри, а во понеделникот падна уште повеќе, односно на 12,89 метри.

Бразилската влада ја припишува сушата на климатските промени и временскиот феномен Ел Нињо, што предизвика обемот на врнежи во северниот дел на Амазон да падне под историскиот просек и нивото на реките да се спушти на речиси рекордно ниво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот