
Суров третман во два дома за стари лица – им давале расипана храна, неколкумина спиеле во еден кревет, физички и психички ги малтретирале
Грозоморен и понижувачки третман, физичко и психичко насилство доживувале со години штитениците во два старски дома во Скопје, „Арија“ во Бутел и „Актив“ во Капиштец.
Препорачано
Под сите човечки и хумани норми, старите лица кои биле сместени во домови за кои нивните блиски плаќале високи сметки, добивале храна со изминат рок, спиеле на троседи или две лица спиеле на единечен кревет, заедно мажи и жени, биле заклучувани во посебни простории, а на дел од нив им давале терапија со лекови кои не биле препишани од лекар.
Полицијата и јавниот обвинител вчера извршија претрес на неколку локации, а за суровиот, нечовечки и понижувачки третман се обвинети две жени, во својство на сопственички и овластени лица на двата домови. За нив Обвинителството бара притвор, а двете се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластувања и малтретирање во вршење на службата.
– Спротивно на сите правила, во собите сместувале женски и машки лица заедно. Немале обезбедено кревети за сите корисници, па дел од корисниците спиеле на троседи во дневната соба или по две лица спиеле на ист единечен кревет. На сите корисници во двете установи им биле служени оброци со производи со изминат рок, за што се земени и мостри од храна, производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храна. Дел од корисниците биле постојано заклучувани во посебни простории, а на еден дел им била давана терапија со лекови кои не биле препишани од лекар. По наредба на јавен обвинител, на сите згрижени лица им е извршен лекарски преглед и анализи од страна на стручни лица од Институтот за судска медицина. Установите се затворени, а со координација на надлежните државни органи за корисниците е обезбедено соодветно сместување – соопшти Обвинителството.
Едната сопственичка во домот во Бутел сместила 27 стари лица, а имала дозвола за 21, а другата сопственичка сместила 33 стари лица, а имала дозвола само за 17, а за нив немале стручен кадар и вработени. Месечно од двата објекта остварувале имотна корист од 2,2 милиони денари.
-Со дејствијата што ги координираше јавниот обвинител во изминатите два дена, обезбедени се докази со кои се потврдува основано сомнение дека двете осомничени, во својство на сопственички и овластени лица на две приватни установи за социјална заштита на стари лица во Скопје, постапувале спротивно на Законот за социјална заштита и со намера да прибават за себе имотна корист потешко ги повредиле правата на згрижените лица. Двете приватни установи, во периодот од 2022 година до денес, не ја вршеле дејноста во рамки на издадените дозволи, односно сместувале корисници над дозволениот капацитет, неуредно ја воделе пропишаната евиденција за корисници на социјална услуга, не поседувале досие со стручна документација за сите корисници, не воделе евиденции за одржување на личната хигиена на корисниците, немале вработено соодветен број стручни кадри во смена, а имале вработено лица без соодветна документација за вработување и немале обезбедено четири дневни оброци со соодветна спецификација за дистрибуираните оброци, како што налагале правилата за нивно работење и условите од решенијата издадени од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Сите недоследности и неправилности се констатирани во записник од извршениот вонреден инспекциски надзор, а за услугата која не исполнувала стандарди и законски услови, од корисниците и нивните блиски наплаќале значителен паричен износ – објаснуваат од Обвинителството.
Инспекција влезе во старскиот дом „Арија“ – пратиле известување до МВР и до финансиската полиција