Сугарев: Како човек, би купил лекови надвор од буџетот за да спасам живот, ама како одговорен во ФЗОМ ќе кажам – тоа е незаконски

Рашела Мизрахи - Анкетна комисија за случувањата во онкологија / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Фондот за здравство низ годините во своите финансиски контроли гледал дека Клиниката за онкологија троши пари за биолошка терапија над одобрениот условен буџет, ама не направил ништо освен што го констатирал тоа ненаменско трошење во записник. Ова на Анкетната комисија за скандалот Онкологја го кажа раководителот на секторот за финансиски прашања и екс-директор на ФЗОМ, Миле Сугарев. Тој рече дека, да се трошат парите од Фондот ненаменски, е пракса во 90 проценти од здравствените установи што наиде на бурни реакции на пратениците од опозицијата кои му кажаа дека не треба да го претставува незаконското работење како нормално. Пратеничката Бети Рабаџиевска-Наумовска го праша Сугарев дали директорот на Клиниката за онкологија има право да му пресуди на пациентот и да не набави лек, ако со тоа го пречекорува буџетот што му е одобрен од Фондот за здравство.

-Како човек, би купил лекови надвор од буџетот со сета одговорност што следи потоа, за да се спаси живот. Но, како одговорно лице во ФЗОМ ви кажувам тоа е надвор од законот, рече Сугарев. 

-Од 2008 година до денес гледам записници од контроли во здравствените установи. Во 90 отсто има ненаменско трошење. Бев во состојба додека бев директор, во тие 6 месеци, да забранам директорот да купува лекови бидејќи нема одобрени пари. Јас не сакав да се ставам во улога да забранам да се купи лек и да осудам некој на смрт, рече Сугарев и додаде дека на Фондот му требаат повеќе пари за да дава поголеми буџети на јавните здравствени установи.

-Не гледам рационалност да казнувам здравствена установа за ненаменско трошење. Треба да одговара тој што грешел. Ги следиме долговите на сите јавни здравствени установи и еден куп имаат креирани долгови и никој не рече, престанете да купувате лекови оти немате повеќе пари, додаде Сугарев.

Според него, „експлозијата“ на Онкологија со лековите, настанала веднаш после пандемијата со ковид 19, зашто после пандемијата се појавиле голем број на новодијагностицирани пациенти со карцином, кои во времето на ковид немало како да одат на доктор оти докторите работеле претежно со ковид пациенти, а онколошката дијагностика каскала.

Пратеникот Љупчо Пренџов беше шокиран од ваквите образложенија на Сугарев.

-Како со леснотија кажувате дека не се почитуваат законите и буџетите, па уште и ни го објаснувате тоа како нормално. Непочитувањето на законот прави некој да е престапник. А вие како лесно го кажувате тоа… Не постои ароганција со која ќе се покрие тоа што вие тука ни го кажувате, дека е нормално да не се почитуваат законите. Таа девијација уште ни ја прикажувате како нешто нормално, рече Пренџов.

Сугарев одговори дека констатациите за ненаменско трошење се во записниците од контролите на Фондот.

-Не можеме да му забраниме на некој директор да купува лекови. ФЗОМ не е во таква ситуација. Фондот нема правен основ да забрани да купува лекови. Не сум рекол дека сите може да си купуваат што сакаат. Ненаменското трошење пари стои во записниците, додаде екс директорот.

Тој кажа дека за утврдување на условен надоместок во ФЗОМ има методологија за утврдување на буџети, а во последните 2 години има и упатство односно пишана процедура за условни буџети. Условните буџети се со определена намена и се дел од вкупниот буџет. Клиниката поднесува барање за овој условен буџет, се прават состаноци каде се образложува потребата, и се доделуваат пари од она што е нераспределен буџет а го има Фондот.

На Анкетната комисија беше кажано она кое „Слободен печат“ веќе го објави – дека Клиниката за онкологија има потреба од многу повеќе лекови отколку што државата дава пари за биолошка терапија преку Фондот. Долгот на Клиниката за онкологија, се намалил од 800 на 480 милиони денари (затоа што Фондот одвоил средства да се амортизира овој долг), арно ама, пак почнал да расте кога почнале да се јавуваат нови пациенти на кои им треба биолошка терапија, па сега изнесува над 500 милиони денари.

Пратеникот Петар Ристевски кажа дека директорот во 2021 година на Клиниката за онкологија доктор Нино Васев имал дозвола од некого да изигрува Бог, односно да кажува кој ќе живее, а кој ќе умира, затоа што без неговиот потпис не можела да биде администрирана терапија на пациентите.

Ристевски го праша Сугарев:

-Сте дозволиле незаконско работење од хумани причини да не се случи некој пациент да почине. Зошто на 130 пациенти со цистична фиброза, од хумани причини ФЗОМ не им даде средства за Трикафта? И тие се борат за живот или смрт. Еден од нив тапкан по рамо почина, не дочека да го прими лекот. За Онкологија може да се набавува на реверс, а за други не сме некако хумани? Дали интересот и провизиите се во прашање кај директорите? Министерот Меџити кажа дека недомаќински се работи во јавните здравствени установи. Се сложувате со тоа?, праша Ристевски.

Сугарев одговори дека ниеден директор на ФЗОМ нема да биде ставен во ситуација да забрани набавка на лек на директор на јавна здравствена установа.

-Не можам ни да му дозволам, ни да му забранам. Директорот прави набавки согласно планот, а тој план го носи управниот одбор. Планот на јавни набавки мора да оди на управен одбор и да добие потпис. И сега се креира долг на Онкологија. Забранете ѝ е на директорката да набавува лекови над одобрениот буџет. На Онкологија се зголемува долгот иако даваме пари да се санира тој долг. Условниот буџет на онкологија сме го зголемиле годинава. Долгот на Онкологија во август 530 милиони денари.  Добиваат 100 и кусур милиони од нас месечно зашто се повеќе пациенти има на таа терапија. Се купуваат лекови да се опслужат луѓето. Има притисок од јавноста, рече Сугарев.

Надвор од темата, тој кажа дека лекот Трикафта, не е одобрен ни од Европската агенција за лекови ЕМА ни од Агенцијата за храна и лекови на САД (ФДА) за деца под 12 години. Затоа ни Фондот за здравство во Македонија нема да одобри согласност за набавка на Трикафта за децата под 12 години во Македонија, рече Сугарев.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот