
Судење Онкологија: Сопруг на почината пациентка не се приклучи кон кривичен прогон на доктор Никола Васев
Сопруг на почината пациентка на Клиниката за онкологија која боледувала од карцином на дојка, денеска во судница во предметот „Онкологија 1“, сведочеше дека не се приклучува кон кривичен прогон на доктор Никола Васев, првообвинет во предметот.
Препорачано
-Доктор Васев беше достапен и коректен кон нас – рече тој во судница каде што сведочеше предложен за сведок од страна на Јавното обвинителство Скопје.
Пациентката, според сведочењето на сопругот, почнала да се лекува во 2012 година кај докторката Мери Пешевска, а доктор Никола Васев се понудил да помогне во лекувањето со програма која, како што рече сопругот, била „австриска, експериментална“. Пред вклучувањето во програмата, рече тој, ѝ биле правени анализи, а снимањата биле вршени во приватна институција кај познат рентген-дијагностичар.
-На почетокот сопругата пријатно ја почувствува терапијата, но потоа ми кажа дека терапијата ѝ е чудна. Кажано ѝ беше дека нема да ѝ падне косата со таа програма и така беше. Не ѝ падна со таа програма. Понатаму рече дека не чувствува ништо, рече „како да не примам ништо“, сведочеше тој.
По завршувањето на програмата на пациентката ѝ се појавила рана на градите.
-Кога отидовме на преврска, сестрата ја закачи раната со прстен на раката, и раната се отвори. Потоа постепено раната се прошируваше. Доктор Нино Васев се трудеше со нас колку што можеше и во секое време бевме примени. Ниту повишил тон ниту нешто побарал, кажа сведокот и додаде дека неговата сопруга починала во 2021 година.
Адвокатот на доктор Васев, Боби Спирковски приговараше на терминот „експериментална програма“. Според него, се работело за клинички студии кои се спроведувале на Клиниката за радиотерапија и онкологија кои биле од научен карактер и за тоа се потпишувал договор со пациентот. Тој побара роднините на починатите пациенти на Клиниката за онкологија да не бидат директни сведоци во судската постапка зашто како што рече – немаат стручни знаења за начинот на лекувањето, а дали бил применет неподобен метод на лекување е стручно прашање што може да го одговори медицинската документација.
-А не преку емоции и впечатоци на сведоци кои не можат суштински да придонесат за фактите. Нивното сведочење ќе создаде емоционален притисок врз судот. Да се задоволиме со овие луѓе што ги слушнавме, без 41 сведок да изведеме. Тоа е претерано – побара адвокатот.
На рочиштето не се појавија еден оштетен и пет законски застапници на покојни пациенти кои се лекувале на Клиниката за онкологија. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски го одби барањето на одбраната на Васев поднесено на минатото рочиште – кривичниот прогон наместо скопското, да го води друго Обвинителство. Ова е од причина што државниот јавен обвинител констатирал дека обвинителниот акт е потврден од страна на Кривичниот суд и е во правна сила, а обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, која постапува во предметот, постапува професионално, стручно и навремено и ги презема законските дејствија.
Судот уште нема донесено одлука дали ќе биде изземен техничкиот советник на Обвинителството, доктор Милан Ристовски, клинички онколог и судски вештак, бидејќи чека дополнителни информации врз основа на кои ќе ја донесе одлуката.
Обвинителството во предметот Онкологија 1 за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни, го товари поранешниот директор на Клиниката за онкологија, доктор Никола Васев. Покрај него, обвинети за несовесно лекување болни се и лекарите од Клиниката Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски.
Бранителот на доктор Црвенкова, адвокатот Владимир Туфегџиќ најави дека одбраната ќе приложи до судот две вештачења, едното од областа на фармакологијата, а другото од областа на медицината. Медицинско вештачење најави и адвокатот на обвинетиот доктор Драган Јакимовски, Александар Тумановски, како и адвокатот на доктор Никола Васев. Во изјава за медиумите пред судот, адвокатот на Васев откри дека вештачењето што го изработил онколог од Гостивар, нарачано од обраната, било спротивно на она што го нарача Обвинителството, а го изработија онколози од Марибор Словенија. Тој рече дека за пациентите имало измерено и висина и тежина врз основа на која им била администрирана онколошката терапија, наспроти тоа што го тврди Обвинителството во обвинителниот акт – дека терапијата била давана нестручно и без да се води сметка за овие параметри.
Судењето за „Онкологија 1“ продолжува на 22 октомври.