Фото: Pexels / Anna Shvets

Студија открива: Матичните клетки ги поправаат оштетувањата на мозокот по мозочен удар

Оштетувањето на мозокот предизвикано од блокирани крвни садови може да се лекува со инјекции со матични клетки, според нова студија на истражувачи од Универзитетот во Цирих и Универзитетот во Јужна Калифорнија.

Ваквите терапии во иднина би можеле да им помогнат на пациентите кои доживеале одредени форми на мозочен удар да ги вратат изгубените функции, пишува „Саенс алерт“ (Science alert).

Користејќи глувци со оштетување на мозокот предизвикано од мозочен удар, истражувачите откриле дека инјекциите со човечки матични клетки би можеле успешно да се развијат во млади мозочни клетки. Резултатите беа извонредни – повеќето од имплантирани клетки останаа на место, развивајќи својства на целосно функционални неврони и комуницирајќи со околните клетки.

– Откривме дека матичните клетки преживеале во текот на целиот петнеделен период на анализа и дека повеќето од нив се трансформирале во неврони, кои дури комуницирале и со веќе постоечките мозочни клетки – вели неврологот Кристијан Тукенберг од Универзитетот во Цирих.

Дополнително, истражувачите набљудувале регенерација на крвните садови, намалување на воспалението во мозокот и зајакнување на крвно-мозочната бариера. Глувците дури покажаа знаци на подобрено движење и координација, што е клучно откритие, бидејќи мозочниот удар може сериозно да ја наруши моторната контрола на телото.

Новата студија, објавена во списанието „Нејчр“, се темели на претходни истражувања од страна на дел од истиот тим што го испитуваше оптималното време на инјектирање на матични клетки по мозочен удар. Ова ќе биде важно за развојот на вистински терапии, бидејќи се чини дека мозокот мора да се стабилизира до одреден степен по мозочниот удар за трансплантацијата да биде ефикасна.

Иако претходните студии разгледуваа слични теми, Такенберг и неговиот тим велат дека ниту една не навлегла во ова ниво на детали. Истражувачите не биле заинтересирани само за опстанокот на имплантирани клетки, туку и за тоа дали тие можат да формираат невролошки врски.

– Нашата анализа значително го надминува опсегот на други студии, кои се фокусираа на непосредните ефекти веднаш по трансплантацијата – вели Такенберг.

Во моментов, оштетувањето на мозокот предизвикано од мозочен удар е неповратно. Внатрешното крварење или недостатокот на кислород што произлегува од мозочен удар трајно ги уништува мозочните клетки, што може значително да влијае на говорот и движењата.

Истражувачите се надеваат дека, со текот на времето, терапијата со матични клетки би можела да се користи за поправка на она што во моментов е непоправливо. Веќе се појавуваат голем број иновации во оваа област, вклучувајќи терапии за дијабетес и губење на видот.

Дали овој пристап би можел да функционира во човечкиот мозок, останува да се види и би требало да се тестира во многу подолг период. Остануваат многу предизвици: секоја интервенција во мозокот носи ризик од погрешен исход.

На пример, истражувачите треба да најдат начин да спречат имплантирани матични клетки да одат подалеку од нивната првобитна намена.

– Клучно е да се истражат нови терапевтски пристапи за потенцијално регенерирање на мозокот по болест или несреќа. Нашите наоди покажуваат дека невронските матични клетки не само што формираат нови неврони, туку и иницираат други процеси на регенерација – вели Такенберг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот