
Студија открива дека шпоретите на гас се ужасни за здравјето: Децата се особено изложени на ризик
Печките на гас се дел од повеќето домаќинства, но новото истражување предупредува на невидливите опасности од сините пламени.
Препорачано
Истражувачите од Универзитетот Стенфорд открија дека печките на гас придонесуваат за околу 19.000 смртни случаи на возрасни секоја година во САД, пишува „Inside Climate News“.
Рецензираната студија, објавена во „Science Advances“, исто така покажа дека печките на гас ја зголемуваат долгорочната изложеност на загадување со азот диоксид до 75 отсто од упатствата за изложеност на Светската здравствена организација.
Здравствените ризици од шпоретите на гас произлегуваат од долготрајната, секојдневна изложеност на штетно загадување на воздухот во затворените простории. Од година во година, оваа изложеност го зголемува и ризикот од респираторни заболувања.
„Луѓето со помали примања дишат понечист воздух надвор, а доколку поседуваат шпорет на гас, го дишат и во својот дом“, се наведува во резултатите од студијата.
Децата се особено чувствителни. Вдишувањето на азот диоксид, јаглерод моноксид и бензен од шпоретите на гас, дури и во мали количини, може да ја влоши астмата и да го зголеми ризикот од развој на леукемија, особено кај децата.
„Треба да се фокусираме на решенија за намалување на загадувањето на воздухот во затворените простории за да се обидеме да ги заштитиме децата, бремените жени, постарите, возрасните и јавното здравје воопшто“, коментира Кари С. Надо, доктор на науки, лекар специјализиран за детска астма и имунологија и еден од авторите на студијата.
Постојат едноставни решенија кои ќе го направат воздухот во вашиот дом побезбеден.
„Кога користите шпорет на гас, секогаш вклучете го аспираторот за вентилација и отворете ги прозорците за да дозволите штетните гасови да излезат од кујната. Размислете за замена на шпоретот на гас со електричен или индукциски модел. Индукциските шпорети се енергетски поефикасни, поекономични, па дури на нив водата може побрзо да зоврие отколку на шпоретите на гас“, велат експертите.