
Стрип-авторката Славица Купенкова е гостинка на Стрип фестивал во Сомбор во Србија
На покана на Клубот на љубители на стрипови од Сомбор, Србија, меѓу гостите на традиционалниот 9-ти Интернационален фестивал на стрип и фантастика е поканета и стрип-авторката Славица Купенкова од Скопје. Фестивалот ќе се одржи од 17 до 19 мај во просториите на „Унгарско граѓанско казино“.
Препорачано
Иако нејзиниот период на занимавање со Деветата уметност датира од 2021 година, за тој кус период нејзиниот талент и професионалност брзо доаѓаат до израз. Меѓу другото, на 18-иот Меѓународен салон на стрип „Велес 2021“, Купенкова е добитник на наградата – Најдобар дебитантски стрип за „Училишните авантури на Јан“, каде се јавува како целосен автор – карикатурист по свое сценарио.
Во 2022 година е една од финалистите на Меѓународниот натпревар на историски стрипови „Може за Балканците“ (Can for Balkans), кој се одржа во периодот од март до јули 2022 година, кога Купенкова е добитник на едно од петте специјални признанија доделени од меѓународното жири за стрипот „Одисеја“.
Во 2022 година е цртач на наменски стрип на каталог на стрипови како дел од грантот – „За нашите соседи и пријатели“ – преку „Ромалитико“ Скопје, финансиран од страна на УСАИД. Како дел од истиот проект е член на жири по повод конкурсот за ученици – објавен од „Стрип центар на Македонија“ – Велес.
Истовремено, Купенкова најдиректно се вклучува во Македонскиот стрип центар, како дел од организациониот тим, но и во групацијата на стрип-автори којашто редовно го пропагира македонскиот стрип на разни конкурси и фестивали во Балканот и пошироко.
Како што изјавила таа, нејзе ѝ е посебно драго што ќе биде во контакт со различни афирмирани стрип-имиња од регионот. Својата получасовна промоција, но и неформалните контакти, таа ќе ги искористи за натамошно развивање на меѓународни стрип-мостови. Тука, секако, спаѓа и меѓународниот стрип салон „Велес 2024“, како најзначајна стрип-манифестација кај нас, којашто оваа година ќе се организира на крајот од август во Велес.