Столтенберг за доаѓањето на Лавров во Скопје: Немам совет за организаторите, ОБСЕ си ги договара своите состаноци

Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО. / Фото: МИА

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, попладнето на прес-конференција во Брисел, се воздржа од одговор на прашање во врска со очекуваното присуство на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Прашањето на Столтенберг му беше поставено на прес-конференцијата по првиот ден од состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО.

Посочувајќи во воведот дека наредните денови на Министерскиот совет на ОБСЕ во Северна Македонија ќе присуствуваат поголемиот дел од министрите присутни на состанокот на НАТО, со исклучок на Балтичките земји и Украина, новинарот на италијанската новинска агенција (АНСА) го праша Столтенберг дали за ова било дискутирано денеска во Брисел и дали лично смета дека е соодветно Лавров во моментов да патува во земја членка на НАТО.

Генералниот секретар рече дека ОБСЕ своите состаноци ги организира самостојно и дека нема никаков совет за организаторите на настанот.

„На ОБСЕ е да ги организира нивните состаноци. ОБСЕ имаше важна улога многу години. НАТО-сојузниците како поединечни земји се членки на ОБСЕ. На ОБСЕ е да ги организира своите состаноци. Немам некаков совет да дадам на организаторите. Моја одговорност е да ги организирам состаноците на НАТО, а ОБСЕ да ги организира своите“, рече Столтенберг одговарајќи на последното прашање на прес-конференцијата.

Минатата недела македонската влада донесе одлука со која се овозможува шефот на руската дипломатија да допатува во Скопје и да учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ кој ќе се одржи на 30 ноември и 1 декември.

Вчера и Бугарија го отвори воздушниот простор за летот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тоа го потврди и руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, која посочи дека е добиен позитивен одговор на нивната нота за авионот на Лавров.

Поради очекуваното присуство на рускиот министер за надворешни работи на настанот во Скопје, на него нема да учестува шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба.  Министерскиот совет на ОБСЕ ќе го бојкотираат и Естонија, Летонија и Литванија доколку на него учествува Лавров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот