Стојков: Ако го тргне ветото, на Бугарија ќе ѝ треба време тоа да го продаде како успех

Стојко Стојков, ОМО Илинден-Пирин / Фото: Архива на Слободен печат

Бугарија е под притисок и ја менува реториката кон Македонија, што можеби е знак дека се подготвува да го тргне ветото за македонските преговори со ЕУ, оценува Стојко Стојков од ОМО Илинден Пирин, забранетата партија на Македонците во Бугарија.

Претставници на партијата утре во Скопје ќе се сретнат со претседателот Стево Пендаровски. Стојков не сакаше да коментира ништо конкретно пред средбата за целите и очекувањата од состанокот, само рече дека темите се познати – положбата на македонското малцинство и бугарско-македонскиот спор.

Запрашан дали гледа позитивни промени и најави за тргање на ветото во изјавите на бугарскиот претседател Румен Радев, Стојков вели:

– Можеби. Мислам дека се под огромен притисок и започнуваат да ја менуваат реториката и наративот. Историските прашања, прашањата за јазикот и идентитетот скоро и ги снема, што е позитвно, но да не заборавам дека тие официјално не само што не се тргнати, туку беа потврдени на средбата на Комитетот за национална безбедност порано овој месец. Но, дури и при позитивен развој, потребно е време за да се продаде симнувањето на ветото како успех, а не како повлекување пред бугарските граѓани – вели Стојков за „Слободен печат“.

Кога бугарскиот премиер Кирил Петков даде шестмесечен рок за надминување на спорот Радев остро се спротистави велејќи дека за тоа не треба да се даваат рокови, но во вторникот, по неговата средба со премиерот Димитар Ковачевски во Софија рече дека се потребни јасни временски распореди за постигнување на резултати и за решавање на отворените политички прашања.

„Потребно е да се посочат и краткорочните задачи што треба да се решат пред почетокот на преговорите на нашиот југозападен сосед за членство во ЕУ и да се постават долгорочни цели по отворањето на преговарачкиот процес со јасни механизми за нивно постигнување“, соопшти Радев по средбата со Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот