
Стиви Никс денеска полни 77 години: Иконата чиј љубовен живот ја обележа судбината на „Флитвуд Мек“!
„Флитвуд Мек“ остави неизбришлива трага на музичката сцена речиси пет децении, но нивниот успех го следат лични конфликти и љубовни заплети кои и ден-денес го будат интересот на јавноста. Често се зборува дека членовите биле под силно влијание на дрогата, а најголем дел од нивните романси – се случувале меѓу себе, пишува „Стил“.
Препорачано
Најинтензивниот период од тие односи бил додека се снимал нивниот култен албум „Rumours“, што траело речиси една година. Подоцна, Мик Флитвуд ќе изјави дека процесот „речиси ги срушил“.
Иако низ годините составот се менувал, т.н. „класична постава“ што го создаде „Rumours“ вклучува: вокалистката Стиви Никс (родена на денешен ден – 26 мај 1948), гитаристот и пејач Линдзи Бакингем, тапанарот Мик Флитвуд, клавијатуристката и пејачка Кристин Мекви (која веќе не е меѓу живите) и басистот Џон Мекви.
Стиви Никс и Линдзи Бакингем
Стиви Никс се приклучила на групата во 1975 година, донесувајќи со себе свежа енергија и впечатлив авторски стил. Со неа дошол и нејзиниот тогашен партнер Линдзи Бакингем, гитарист и композитор. Но, нивната врска почнала да се распаѓа токму пред снимањето на „Rumours“ и наскоро завршила.
Многу од песните на албумот произлегле токму од емоциите по разделбата. Линдзи ги напишал „Second Hand News“, „Never Going Back Again“ и „Go Your Own Way“, додека Стиви одговорила со „Dreams“.
Таа подоцна признала дека ѝ било многу тешко да ја изведува „Go Your Own Way“, бидејќи ја сметала за провокативна и навредлива.
„Секогаш кога доаѓаше тој дел, ми се чинеше дека ќе пукнам. Тој уживаше да ме испровоцира“, изјавила за „Ролинг стоун“.

Стиви Никс и Мик Флитвуд
По раскинувањето со Линдзи, Стиви започнала кратка, но интензивна врска со тапанарот Мик Флитвуд – иако тој сè уште бил во брак со манекенката Џени Бојд. Истовремено, таа се гледала и со Дон Хенли од „Иглс“.
Иако нивната романса не траела долго, Стиви изјавила дека Мик бил една од нејзините најголеми љубови, но и дека односот им бил крајно тежок.
Кога му признал на Линдзи за нивната врска, тој наводно само рекол: „Добро што ми кажа“.
Не поминало долго, а Мик започнал врска со Сара Рекор, блиска пријателка на Стиви. Тоа ја погодило длабоко.
„Мик и јас завршивме, но вистинскиот шок беше кога Сара замина кај него. Бевме многу блиски. Никој не зборуваше со неа. Ниту со Мик. Тоа траеше месеци и од таа болка почнаа да се раѓаат нови песни“, раскажала таа.
Мик и Сара подоцна стапиле во брак, кој траел седум години.

Кристин и Џон Мекви
Џон Мекви еднаш изјавил дека „единствените што не завршиле заедно биле тој и Линдзи“.
Кристин, тогаш негова сопруга, во 1973 година започнала афера со оженетот тонец Мартин Бирч. Поради тоа, групата набрзо се разделила и од него и од гитаристот Боб Вестон, кој имал афера со сопругата на Мик.
Иако формално останале во брак, Кристин и Џон прекинале комуникација.
„Едноставно не зборувавме. Така му беше полесно“, споделила Кристин.
По раскинувањето, таа започнала врска со техничарот за осветлување Кери Грант. Иако Џон бил повреден, отворено зборувал за својот алкохолизам и признал дека не ѝ замерува што заминала.
Кристин почина на 30 ноември 2022 година, на 79-годишна возраст, по кратко боледување. „Замина мирно, опкружена со најблиските“, објави семејството.
Членовите на групата ѝ оддадоа почит: „Беше единствена, неверојатно талентирана и најдобра пријателка. Ќе ни недостасува засекогаш“.

Брачните приказни на членовите
Стиви Никс се омажила со Ким Андерсон, вдовецот на нејзината најдобра пријателка Робин, само три месеци по нејзината смрт – со цел да помогне околу бебето. Се развеле брзо потоа.
Мик Флитвуд се оженил со Лин Франкел во 1995 година и имаат близначки. Се разделиле во 2013 година.
Џон Мекви е во брак со Џули Ен Рубенс од 1978 година.
Кристин Мекви се омажила со клавијатуристот Еди Квинтела во 1986, а се развеле во 2003.
Линдзи Бакингем од 2000 година е во брак со Кристен Меснер и имаат три деца. Во 2021 таа поднела барање за развод, но наскоро почнале да работат на смирување.