Колку чини среќата? Ново истражување открива колку пари ви се потребни за лагоден живот

Фото: Пекселс/ karolina-grabowska

Дали среќата може да се купи? За мнозинството од испитаниците на новото истражување во Америка, одговорот е да, но по висока цена.

Шест од десет учесници во анкетата на консултантската куќа „Емпауер“ (Empower) веруваат дека среќата може да се купи со пари, но за таков ефект им е потребна плата од околу 284.000 долари годишно, иако просечната плата во САД е околу четири пати помала.

Кога станува збор за вредноста на имотот што би бил доволна за чувство на благосостојба и задоволство, таа изнесува 1,2 милиони долари, што е многу поголема сума од просечната вредност на американските домаќинства проценета на околу 192.000 долари.

Новото истражување е спроведено во тежок период за американската економија, делумно поради влијанието на инфлацијата која расте повеќе од една година, а според истражувањето, 81 отсто од испитаниците признале дека го чувствуваат товарот на растот на цените, пишува „Си-би-си њуз“ (CBS News).

Додека просечната годишна сума што можеше да „купи среќа“ беше 284.000 долари, милениумците меѓу испитаниците, односно членовите на генерацијата родени меѓу 1981 и 1996 година, имале најголеми апетити и нивната просечна посакувана сума би била повеќе од половина милион долари.

„Емпауер“ наведува дека нивните аспирации веројатно се предизвикани од фактот што најголемиот дел од нивните животи биле соочени со различни видови на економска криза, како што е Големата рецесија, токму во времето кога голем дел од нив почнале да се вработуваат.

Дали парите можат да купат среќа е тема на научни истражувања со децении, а оваа година Нобеловата награда за економија му беше доделена на Даниел Канеман, кој во една неодамнешна студија со колегите од Универзитетот Принстон откри дека континуираното враќање на инвестицијата во износ од половина милион долари годишно може да влијае на задоволството во животот, но дека поголема сума не претставува голема разлика во перцепцијата.

Сепак, за многу Американци среќата не се постигнува само преку големо богатство, истакнува „Емпауер“.

Според студијата, 67 отсто од испитаниците изјавиле дека би биле посреќни доколку можат да ги платат сите сметки и долгови навреме, а повеќе од половина доколку немаат долгови и можат без грижа да си дозволат некои луксузни предмети. За 45 отсто најголема среќа би била да поседуваат сопствен дом, а седум од десет испитаници рекле дека повеќе пари ќе им ги решат повеќето проблеми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот