фото: kfsm.mk

Стартува АБА 2-лигата: МЗТ, Работнички и Пелистер атакуваат кон места во горниот дел

Со сосема променет систем за натпреварување, зголемен број екипи учесници во вторник ќе стартува новото издание на кошаркарската АБА 2-лига. Промените вклучуваат поголем број клубови кои влегоа во оваа второлигашка јадранска конкуренција, што од друга страна „предизвика“ и промени во системот за натпреваруавње.

Менаџментот на АБА-лигата процени дека наместо оние т.н. „балони“, односно турнири во текот на натпреварувачката сезона кои „беа на сила“ во изминатите неколку сезони (условени со појавата на коронавирусот), да бидат формирани четири натпреварувачки групи („А“, „Б“, „Ц“ и „Д“) во кои ќе има и по четири екипи учесници.

Во првата фаза секоја од 16 екипи ќе одигра по шест натпревари, три на домашен и исто толку на гостински терен. По шест одиграни кола, првопласираните две екипи од секоја група обезбедуваат пласман во следната фаза од натпреварувањето во која ќе бидат формирани нови две групи („Е“ и „Ф“).

Во ТОП 8 фазата ќе се одиграат уште шест кола по кои двете најдобри екипи од двете групи, ќе се пласираат во полуфиналето на плеј-офот. Четирите најдобри екипи ќе се борат за место во финалето во серија „подобар од три натпревари“ (1-1-1), а според истиот систем ќе се игра и финалната серија.

Македонската кошарка ќе биде претставувана од три екипи, оние најдобрите во ланската сезона во Првата лига. Шампионот, МЗТ Скопје, финалистот на плеј-офот, Пелистер, и третопласираната екипа – Работнички. МЗТ ќе ја има и честа да го отвори новото издание на АБА 2-лигата, од 18.00 часот во СЦ „Јане Сандански“ гостува екипата на Теодо.

Два дена подоцна, на 26 септември, во СРЦ „Кале“ (исто така од 18.00 часот), Работнички е домаќин на уште една екипа од Црна Гора, Сутјеска од Никшиќ, додека својот меч од премиерното коло од новата сезона Пелистер ќе го одигра нешто подоцна на 1 октомври, кога во салата „Боро Чурлевски“ (18.00 часот) во Битола ќе гостува екипата на Широки од Босна и Херцеговина.

АБА 2 лига, сезона 2024/2025

ГРУПА А: МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ, Хелиос, Цедевита Јуниор, Теодо
ГРУПА Б: Војводина, Сутјеска, Босна, РАБОТНИЧКИ
ГРУПА Ц: Подгорица, Широки, ПЕЛИСТЕР, Вршац
ГРУПА Д: Златибор, Борац, Илирија, Шибенка

ДВОЈКИ 1. КОЛО

24.СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК)

18.00: МЗТ Скопје Аеродром – Теодо

25.СЕПТЕМВРИ (СРЕДА)

18.00: Цедевита Јуниор – Хелиос
20.00: Војводина – Босна

26. СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК)

18.00: Работнички – Сутјеска

1.ОКТОМВРИ (ВТОРНИК)

18.00: Пелистер – Широки
20.00: Илирија – Борац

2.ОКТОМВРИ (СРЕДА)

18.00: Шибенка – Златибор
21.00: Подгорица – Вршац

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот