Старото синдикално членство се осипува, младите не се зачленуваат

Трпе Деаноски / Фото: МИА

Просечната возраст на членовите на синдикатите е меѓу 45 и 50 години, а процентот на лица по 25 годишна возраст, кои се зачленуваат е значително намален. Синдикатот на УПОЗ и 9 европски партнери почнуваат кампања со која ќе го доближат синдикатот до младите луѓе

Во време кога целиот Западен Балкан, легнува и се буди со зборот плата, тешко се пробива сознанието дека младите би прифатиле и пониска заработувачка, ако имаат добри услови за работа не трпат мобинг. Синдикалците се загрижени од постојаниот одлив на членството за кој нема замена, оти младите луѓе попрво би ја напуштиле државата, отколку да се борат за подобри услови за работа во матичната земја.

Синдикалната статистика е неумоллива – изминатиот период европските организации изгубиле 11 милиони членови, резимира Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, најавувајќи почеток на голем проект кофинансиран од ЕУ и Еразмус програмата, под наслов „Нов поттик за младинско учество во синдикатите. Партнери на УПОЗ се 9 слични синдикати од Европа и регионот и ова е прв ваков проект кој ја доби целосната европска поддршка.

-Последните европски статистики говорат дека просечната возраст на членовите на синдикатите е меѓу 45 и 50 години, а процентот на лица по 25 годишна возраст, кои се зачленуваат е значително намален – нотира Деаноски.

Тој нема прецизна статистика за староста на нивното членство, но се повикува на каталогот на работни места во администрацијата, кој покажува дека дури 55 проценти од вработените се над 50 годишна возраст.

Според Александра Кнежевиќ од Развојниот центар за млади од Србија, ако на сите земји од Западниот Балкан, главен проблем им е одливот на младите луѓе, треба да им се овозможи безбедна средина, добри услови за напредок и да се искорени мобингот. Со тоа се сложува и Марко Ѓорѓиевски, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, кој смета дека младите мора да се вклучат во демократскиот живот и да се изборат за подобри работнички права.

-Има многу причини за летаргијата на младите работници, но меѓу поглавните е фактот дека тие не ги препознаваат синдикатите како организации од интерес, нитука како организации кои можат да им понудат заштита за нивните права од работниот однос – објаснува Деаноски.

Тој е искрен и признава дека и синдикатите имаат своја вина во оваа ситуација, бидејќи воопшто не ги вклучуваат младите во нивните органи и тела. Оттука и потребата од еден ваков глобален проект, кој ќе биде проследен од кампања „Синдикатите се ин – вклучи се, ангажирај се, дејствувај“, која ќе се одвива на социјалните мрежи.

-Целта е младите да се запознаат со предностите од членството во синдикатите. На почетокот ќе се спроведе сеопфатно истражување со кое ќе бидат таргетирани млади од 5 држави за да се дознае која е причината за неактивноста и неучеството на младите во сиднкатите. Овие резултати ќе помогнат да се подготви наставна програма и синдикална академија преку која ќе се обучуваат идните млади синдикални лидери – информира претседателот на УПОЗ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот