ССМ до евроамбасадорот Гир: Упатете јасна порака да не се злоупотребува европското знаменце за закони со кои се силуваат работничките права

Фото: МИА

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и гранскиот Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање во писмо упатено до евроамбасадорот Дејвид Гир бараат да биде упатена јасна порака до Владата и пратениците да не се злоупотребува европското знаменце за закони со кои, како што велат, се силуваат работничките права.

– Поединци во Владата и неколку пратеници прават обид со злоупотреба на европското знаменце при носењето на законите, со европско знаменце да ја силуваат демократијата и да ги силуваат работничките и човековите права, а потоа изговор да им биде дека Европската унија тоа го барала од Владата која со ваквиот потег воведува работно време како пред 137 години со кое овозможува работниците нечовечки да бидат експлоатирани во траење од 72 часа во текот на една недела што е преседан и во светски размери и директен атак врз здравјето и безбедноста на работниците, се вели во писмото.

Со оваа одлука, оценува ССМ, Владата се однесува како неевропска и не води грижа за животот и здравјето на работниците туку ги гледа своите интереси и интересите на нејзините стратешки партнери, жртвувајќи ги работниците и нивните семејства.

– За ваквиот потег и потапки на Владата, од страна на International trade union confederation – ITUC, European trade union confederation – ETUC, European Federation of Building and Woodworkers – EFBWW, Building and Wood Worker’s International – BWI најостро беа осудени ваквите намери на Владата, а за истото ќе ја информираат и Европската комисија, дека Владата на Македонија во процесот на преговори со Европската унија, ги прекршува основните постулати на човекови права и работнички права и го погазува пристојното работно време како цивилизациска придобивка, со што воведува вредности во Македонија како во случајот со изградбата на стадионите во „Катар“ за потребите од Светското првенство за што се водат веќе неколку постапки, а Владата со тоа сака случајот „Катар“ да го донесе во срцето на Европа, за што очекуваме и поостра реакција од Ваша страна уште денеска, на денот на Европа, 9 мај, со што ќе биде упатена јасна порака до Владата и пратениците дека не смее да се злоупотребува европското знаме и европските принципи и стандарди, за воведување на неевропски вредности, неевропски принципи и неевропски стандарди во европска Држава како што е Македонија која во наредниот период сака да стане членка во Европската унија, стои во писмото.

Од ССМ укажуваат дека не биле консултирани ниту при носењето на основниот Закон за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите.

Пакетот закони што се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10д со европско знаменце се ставени на дневен ред на утрешната собраниска седница. Од политичката партија „Левица“ најавија дека доставиле над 6.000 амандмани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот