Српски амбасадор „падна“ на аеродромот во Белград со 84 000 евра скриени во куферите

Амбасадорот Југослав Вукадиновиќ/ Евра, илустративно фото: Vyacheslav Dumchev / Alamy / Alamy / Profimedia

Српскиот амбасадор во Каиро Југослав Вукадиновиќ е фатен на белградскиот аеродром со големо количество пари кои се обидел да ги пренесе преку граница, дознава „Блиц“.

Имено, според сознанијата на весникот, Вукадиновиќ пред некое време со сопругата слетал од Каиро на аеродромот во Белград и се обидел во земјата да внесе 84 000 евра во кеш кои претходно не ги пријавил пред надлежните.

Српскиот амбасадор во Египет неколку дена пред тоа е отповикан од амбасадорската позиција. Слетал во Белград со сопругата, носејќи 12 куфери во кои биле распоредени 80000 евра и уште 4500 евра имале во паричниците, пишува весникот.

Според српските прописи во земјата едно лице може да внесе неограничено количество пари, но секоја сума над 10.000 евра мора да ја пријави. Брачната двојка Вукадиновиќ имале многу поголема сума, и не ја пријавиле.

– Кога го фатија, рече дека се работи за дипломатска пратка. Меѓутоа секоја дипломатска пратка е проследена со курирско писмо, а тој немаше, па цариниците го фатија во лага. Тој го смени исказот и рече дека тоа му е лична заштеда, вели извор за весникот.

Од таму наведуваат дека пријавата на лична заштеда е обврска на секој јавен функционер, а тој тоа не го направил и парите не му биле никаде заведени.

Поради овие факти, неговите пари се запленети, а амбасадорот е пуштен, но дури денеска за скандалот дозна српската јавност, со напомена дека против него во Каиро се води постапка пред надлежните органи.

Вукадиновиќ важи за контроверзен амбасадор кој и претходно е поврзуван со незаконски работи. Своевремено додека работел како конзул во Солун, од таа позиција е сменет под сомнение дека му помогнал на членот на земунскиот клан Дејан Миленковиќ Багзи да побегне од Грција кон Србија, за што најверојатно добил документи од српскиот конзулат. Случајот од 2004 година, по смената на Вукадиновиќ потоа е забошотен.

Тој на позицијата генерален конзул во Грција дошол во октомври 2001 година, по еден мандат во Македонија и 8 месеци во земјата.

Вукадиновиќ откако е вратен од Грција во наредните 15 години работи на пониски позиции во српското Министерство за надворешни работи, а за амбасадор во Египет е именуван во ноември 2017 година.

Запрашан за изјава дали е фатен со непријавени пари, амбасадорот за весникот изјави дека биле „пријавени и дека се работело за дипломатска пошта, пријавена во МНР“.

Од српското МНР не го коментираат случајот, само потврдуваат дека тој е сменет поради „непрофесионално постапување“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот