Средоземното море може да ја „проголта“ Александрија за неколку децении

Александрија/ Фото Michael Runkel / robertharding / Profimedia

Вториот по големина египетски град и најголемото пристаниште Александрија би можеле да исчезнат под морето за неколку децении, предупредуваат експертите.

Дури и во најдоброто сценарио на Обединетите нации, една третина од градот ќе биде под вода или не би можело да се живее во него до 2050 година. Еден и пол милион од неговите шест милиони жители би морале да ги напуштат своите домови.

Нејзините антички урнатини и историски споменици се исто така во голема опасност од Средоземното Море. Стотици жители веќе мораа да ги напуштат становите кои беа погодени од поплавите во 2015 и 2020 година. Секоја година, градот тоне за повеќе од три милиметри поради браните на Нил кои ја задржуваат речната тиња која некогаш ја зацврстувала почвата, и поради екстракција на гас од морското дно.

Александрија/ Фото: Michael Runkel / robertharding / Profimedia

Во исто време, нивото на морето се зголемува поради глобалното затоплување. Средоземното море може да се зголеми за еден метар во рок од три децении, велат најлошите предвидувања на климатскиот панел на ОН. Ова ќе поплави „третина од високопродуктивното земјоделско земјиште во делтата на Нил“, како и „историски важните градови како Александрија“, се додава.

Експертите на ОН велат дека нивото на Средоземното Море ќе се зголеми побрзо од речиси секое море во светот. „Климатските промени се реалност, повеќе не е само закана“, рече Ахмед Абдел Кадер, шеф на египетската агенција за заштита на крајбрежјето. Дури и во најдобар случај, Средоземното Море ќе се подигне за 50 сантиметри до 2050 година, покажуваат други египетски студии и студии на ОН.

Александрија тогаш би била 30 отсто поплавена, четвртина од населението би морало да се пресели, а 195.000 би останале без работа. Таквата катастрофа ќе има драматични последици за 104-те милиони жители на Египет, бидејќи Александрија е дом на најголемото пристаниште во земјата и еден од главните економски центри, рече Кадер.

Гувернерот на градот, Мохамед ал Шариф, рече дека е изграден систем за одводнување на атмосферските води за патиштата за да апсорбира милион кубни метри дожд. Но, бидејќи климатските промени предизвикуваат се посилни бури, „денес 18 милиони кубни метри“ дожд можат да паднат за само еден ден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот