Србија во новата рунда дијалог со Приштина во Брисел повторно инсистирала на формирањето на ЗСО

Фото: Архива на СП

Директорот на српската владина Канцеларија за Косово, Петар Петковиќ, изјави дека Белград повторно, во новата денешна рунда дијалог со Приштина, инсистирал на прашањето за формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО) и дека се разговарало за имотно-правните и финсиски побарувања, јави дописникот на МИА од Белград.

-За нас, ЗСО е клучно прашање и ако зборуваме за успешно продолжување на дијалогот, потребно е да се формира ЗСО, изјави Петковиќ по новата рунда на техничкиот дијалог во Брисел, со посредство на претставникот на ЕУ, Мирослав Лајчак.

Петковиќ оцени и дека е добро по седум и пол години да се зборува за имотните и финансиски побарувања.

-Тоа е многу чувствително, големо и сложено прашање. Со оглед на тоа што позициите на Белград и Приштина во однос на имотните и финансиските побарувања се многу далечни, она што го предложивме е прво да се утврдат принципите, објасни тој.

Петковиќ посочи дека белградската делегација дошла на состанокот со подготвена документација и предлози со цел да се воспостави систем на принципи, механизми и тела за да може да се зборува конкретно за сопственоста.

-Важно е да се утврдат механизмите и приодите. Кога велам дека имаме апсолутно спротивни ставови, тоа се позициите каде што Приштина дејствува со своите интереси и гледишта, а Белград рационално и реално, смета Петковиќ.

-Ние ги доставуваме нашите докази за тоа што е финансирано, кој е сопственик, кој инвестирал, како и се што е поврзано со меѓународните стандарди кога станува збор за приватна сопственост, каде што се знае како се утврдува што е приватно, што е јавна сопственост и како се решава, кажа Петковиќ.

Тој истакна дека Белград инсистира на дијалог и дека секогаш кога ќе добие покана, делегацијата ќе дојде подготвена во Брисел да разговара за сите клучни прашања на дневниот ред. 

Извор.МИА

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот