Фото: Pexels

ФОТО | Според „златниот пресек“: Англиски град е прогласен за најубав во светот

Науката проговори – англискиот град Честер е најубавиот град во светот. Според обемна студија која анализирала илјадници познати градби и улици ширум планетата, токму овој град со катедрала на северозападот од Англија го има најголемиот процент архитектонски објекти, дури 83,7 отсто, кои совршено се совпаѓаат со таканаречениот „златен пресек“.

Истражувачите го користеле овој древен математички однос (1:1,618), познат уште од времето на Фибоначи, како мерка за убавина и составиле листа на најпривлечни градови. Зад Честер, на второ место се најде Венеција со 83,3 отсто, на третото Лондон со 83 отсто, четврт е Белфаст (82,9 отсто), а петти Вечниот Рим со 82 отсто.

Честер е основан уште во 1 век како римска воена утврда, а неговите остатоци и денес се видливи. Градските ѕидини и најголемиот римски амфитеатар во Британија му даваат единствена историска димензија. Шеталиштата низ центарот нудат патување низ вековите – од римски времиња, преку средновековие, до викторијанската ера.

Препознатлив белег на градот се двокатните дрвени куќи во црно-бел стил, во кои се наоѓаат кафулиња и бутици. Катедралата во Честер, пак, е спој на готика и романика, позната и по своите концерти и културни настани.

Реката Ди му дава посебен шарм на градот – покрај брегот се сместени паркови, клубови и ресторани, а летно време се организираат возења со бродови. Неизбежна атракција е и Честер Зоо, еден од најголемите во Велика Британија, кој е дом на повеќе од 35 илјади животни.

Истражувачите користеле „Гугл стрит вју“ за да анализираат фотографии од илјадници објекти. На секоја градба биле обележани клучни точки и пресметани размери што потоа биле споредени со „златниот пресек“. Иако причината не е до крај јасна, човечкото око објектите со вакви пропорции ги доживува како складни и убави.

Топ пет најубави градови во светот

  • Честер, Велика Британија – 83,7 отсто
  • Венеција, Италија – 83,3 отсто
  • Лондон, Велика Британија – 83 отсто
  • Белфаст, Велика Британија – 82,9 отсто
  • Рим, Италија – 82 отсто

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот