
Спојување на современиот танц и дигиталната технологија е во фокусот на „Танц фест Скопје 2025“
На Меѓународниот ден на танцот 29 април, во МНТ, во 20 часот, со богата програма свечено ќе биде отворено 21-то издание на „Танц фест Скопје“, фестивал што продолжува да ја слави уметноста на танцот и да ги обединува врвните уметници од целиот свет.
Препорачано
Најголемиот и најзначаен фестивал од областа на танцовата уметност кај нас „Танц фест Скопје“ ќе се одржи од 29 април до 13 мај и ќе биде отворен со читање на домашната порака по повод Меѓународниот ден на танцот од Адријана Данчевска Ровчанин, која беше избрана од Танцовиот одбор на ИТИ Македонија.
На свеченото отворање традиционално ќе биде доделена наградата „Менада“ на годинашната добитничка Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера. Отворањето ќе биде збогатено со краток перформанс на танцовата компанија UCSB од Санта Барбара, Калифорнија, кој е вовед во целосната изведба на нивната продукција „Рефракции – гласови на светлината и темнината“, која ќе биде изведена на 30 април во МКЦ.
Кулминација на вечерта ќе биде светската премиера на претставата „Идентитети – будење“, третото и последно дело од трилогијата „Идентитети“, со што ќе се одбележи 45-годишниот јубилеј на уметничката кариера и творештво на кореографката Рисима Рисимкин.
Во февруари 2025 година, Рисимкин беше одликувана со престижното француско признание Витез од Редот на уметностите и книжевноста на Франција за нејзиниот значаен придонес во развојот на современиот танц и култура.
Оваа година, „Танц Фест Скопје“ го става фокусот на врската помеѓу танцот и технологијата преку повеќедневна интерактивна поставка во Националната галерија, објект Чифте амам во Скопје. Во рамки на програмата, ќе бидат претставени три клучни проекти: „Ringside“ – проект кој користи технологија на виртуелна реалност (VR) за снимање и прикажување на изведбите на групи гледачи во опуштена, поинтимна атмосфера преку VR очила. Со „Ringside“, секој гледач секогаш има најдобро место во салата и може целосно да ја доживее изведбата, седејќи речиси на дофат до изведувачите; „Stage 360“ – нова форма на сценска изведба – виртуелно доживување на претстави преку VR очила, снимена со камера со 360 аглови степени, која е поставена во самото срце на сцената. „Stage 360“ создава нов начин на гледање и приближување на современите сценски практики до нова публика. Ова е иновативно и интерактивно уметничко искуство што гради мост помеѓу минатото и иднината на сценската уметност; и „LuminAI: танц и вештачка интелигенција“ – интерактивна уметничка инсталација на д-р Милка Трајкова од Институтот за технологија Џорџија, САД. „LuminAI“ е иновативен проект развиен од „Georgia Tech“, кој овозможува интерактивна импровизација меѓу човекот и вештачката интелигенција преку танц. Учесникот танцува пред екран, додека виртуелниот партнер – воден од Вештачка интелигенција (AI) – ги следи, анализира и им одговара на движењата со свои импровизирани гестови. Проектот ја истражува креативната соработка меѓу телото и алгоритамот, отворајќи нови можности за уметничка експресија и перформанс во дигиталната ера.
Како и секоја година, програмата на „Танц Фест Скопје“ дава особен фокус на домашните и младите уметници, кои оваа година ќе ги претстават соработките со Скопје танцовиот театар: „Вортекс – Одисеја“ и „Мокументари“ на Адријана Данчевска Ровчанин; „Exo на Баронот“ на Дејан Битровски; како и соработката со кореографката Џилда Цесарио од Италија со проектот „Несовршен превод“.
Големото финале на фестивалот ќе се одржи на 13 мај со извонредната интерактивна кореографска претстава „Myselves“ на „K-Dance“, пионери во спојувањето на современ танц и дигитална уметност. Оваа уникатна изведба ја истражува врската помеѓу танчерот и неговите повеќе „јас“, инкорпорирајќи автономни и непредвидливи визуелни и звучни ефекти, кои ги пресликуваат емотивните и психолошките состојби на танчерот преку сензори за движење и оптичка анализа.
Поддржан од „Интерарт“ и Францускиот институт во Скопје, овој настан носи уникатно уметничко искуство кое ги брише границите меѓу телото, технологијата и емоцијата.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 278, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27.4.2025)