Спасовски: Секој кој бил инволвиран во случајот на Клиниката за онкологија ќе сноси одговорност

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека секој кој бил инволвиран во случајот на Клиниката за онкологија ќе сноси одговорност. Тој посочи дека ваков чин на злосторство, нехуманост, нечовечко однесување, од било кого да е направено, нема да има никаква толеранција.
Мислам дека лично не би требало да почнувам со клише за тоа што се случува, нема збор што може да ја опише самата помисла во однос на случките на Клиника за онкологија. Најблаго кажано, сметам дека се изгубила човечката димензија, ова се состојби коишто во континуитет подолг временски период траеле. Вие знаете дека имаше неколку пати јавни написи, имаше одредени пријави кои беа доставувани до МВР, до ОЈО, и тоа беше основната причина за којашто се отвори предмет во ЈО и се преземаат веќе процесни дејствија“, рече министерот Спасовски во гостување на ТВ 21.
Тој појасни дека посебен тим од Крим полицијата работи во координација со Основното јавно обвинителство и направен е целосен план во однос на постапувањето и интензивно се работи на прибирање на информации.
За конкретноста на информациите не можеме да говориме и да откриеме сега, не смее да се влијае на постапката, се со цел да не се руши еден дел од доказната постапка, пред сè во смисла на сведоци. Постојат постапки и процедури, бројот на лица со ПИМ е поголем и тоа е засега што може да се соопшти во јавноста. Виновниците имаат име и презиме и тие мора да бидат утврдени, додаде тој.
Спасовски порача дека ваков чин на злосторство, нехуманост, нечовечко однесување, од било кого да е направено, нема да има никаква толеранција
Тоа е основата која ја имаме во работењето со ОЈО и тука нема да има пардон за никого. Се случувале 20 години вакви настани, имало индиции многу пати до сега, но сега е дојден моментот да се расчистува со корупција и за тоа ги преземаме сите чекори и мерки кои стојат на располагање. Секој еден кој бил инволвиран без разлика на позициите кои ги имале, ќе биде дел од процесот и ќе носи одговорност, заклучи Спасовски.