Совршенство на звукот: Брендот „Теохаров“ ќе произведе звучници со потпис на Влатко Стефановски

Со присуство на одбрани аудиофили, музичари, пријатели и трагачи по совршениот звук, брендот „Теохаров“, на 9 јуни во „Дабл три бај Хилтон“, ги презентираше својата производна програма, каталогот, веб-страницата и новиот проект со виртуозот на гитара, Влатко Стефановски.

Основните принципи на брендот „Теохаров“ во конструкцијата и изработката на врвна аудио-опрема се науката, уметноста и музиката. Конструктор на линијата звучници, кои рачно се изработени, е Веселин Теохаров, кој целиот свој живот го вложил во истражување, експериментирање и слушање музика со огромна љубов, страст и пасија кон висококвалитетниот звук. Помладиот брат Михаил Теохаров е менаџер на брендот и двајцата совршено се надополнуваат, постигнувајќи совршен баланс, како што тоа го прават и звучниците што ги произведуваат.

Потврда за фактот дека добриот глас/звук далеку се слуша беше присуството на врвни аудиофили, познати музичари и вистински трагачи по совршениот звук на презентацијата на производната линија на брендот „Теохаров“.

Звучниците на „Теохаров“ носат квалитет што е дел од високата технологија / Фотографија: Стефан Рајхл

– Приказната на брендот „Теохаров“ е базирана на страст, емоција, наука, посветеност во потрагата по совршениот звук. Таквата потрага вклучува многу знаење, љубов, наука и уметност – рече театарскиот режисер Срѓан Јаниќијевиќ на презентацијата на звучниците на „Теохаров“.

Целта на презентацијата на производната линија на „Теохаров“ беше да се слушнат размислувањата на аудиофилите. Иако со конструирање на звучници и аудио-опрема се занимаваат повеќе од 25 години, во последниве десетина години брендот има исклучително нагорна линија со производство на рачно изработени системи.

Михаил Теохаров, менаџер на брендот „Теохаров“ / Фотографија: Стефан Рајхл

Токму затоа за нивната нова програма добиваат поддршка и од Фондот за иновации и технолошки развој во сегментот на аудио-опрема. Нивните производи имаат сертификат и се усогласени со сите европски регулативи.

Следниот голем проект на брендот „Теохаров“ ќе биде поврзан со врвниот гитарист и музичар Влатко Стефановски. Планот е рачно да бидат произведени 15 пара звучници кои ќе бидат со негов потпис.

Виртуозот на гитарата, Влатко Стефановски, е дел од новиот проект на брендот „Теохаров“ / Фотографија: Стефан Рајхл

– Целиот живот сум од двете страни на звучниците, од едната како почитувач и слушател на добриот звук и добрата музика, додека од другата страна, произведувам музика, снимам во моето студио и се обидувам да го постигнам најдобриот можен звук. Некој да ми кажеше дека „Теохаров“ е винарија во Тиквешијата, ќе му кажев дека тоа е природно. Некој да ми кажеше дека се занимаваат со раноградинарски култури – и тоа ми звучи природно. Да ми кажеше некој дека овие звучници се произведени во Данска, сигурно ќе кажев да, бидејќи изгледаат хај-тек. Тоа значи дека овие храбри луѓе, Теохаров-брадерс, се одважиле и решиле да направат квалитет и производ што е дел од високата технологија. Затоа ми претставува особена чест и задоволство што се решија да направиме заеднички проект со звучници кои ќе го носат мојот потпис. Сега цртаме, планираме и мечтаеме заедно и со големо задоволство го чекам прототипот на звучниците – истакна Влатко Стефановски, давајќи им поддршка на „Теохаров“ да ги реализираат сите свои „луди“ идеи.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 84, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот