
Совет на Европа: Македонија да го премости јазот помеѓу обврските и реалноста за човековите права на Ромите и заштитата на животната средина
Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флахерти, објави меморандум за состојбата со човековите права на Ромите и последиците од сериозните еколошки предизвици во Македонија, по неговата посета од 22 до 25 април 2025 година.
Препорачано
О’Флахерти ја пофали долгорочната заложба на земјата, особено преку Националната стратегија за инклузија на Ромите (2022–2030), и ја истакна важната улога на граѓанскиот сектор, како и на Ромките во сите релевантни структури. Тој забележа напредок во пристапот на ромските деца до образование, но укажа на потребата од подобрување на пристапот до предучилишно образование, намалување на стапката на напуштање на училиштата, како и решавање на ситуацијата на околу 400 деца кои живеат и работат на улица.
Комесарот повика и на укинување на сегрегацијата на ромските деца во училиштата, преку спроведување на локални планови за десегрегација со вклучување на Ромите и мапирање на засегнатите училишта на национално ниво.
Во однос на полицијата и правдата, тој изрази загриженост за извештаите за етничко профилирање, прекумерна употреба на сила и неказнивост за насилство врз Роми. Препорача засилување на истрагите за овие случаи, вклучително и можните расистички мотиви, како и унапредување на Надворешниот механизам за надзор.
Во делот на животната средина, Комесарот ја поздрави заложбата на државата преку уставно признатото право на здрава животна средина, криминализацијата на екоцидот и ветувањето за постепено укинување на јагленот. Сепак, предупреди дека слабата имплементација на законите негативно влијае врз здравјето и човековите права, особено во Скопје, Битола и Тетово – некои од најзагадените градови во Европа.
Тој посочи дека е клучен пристапот до ефективни правни лекови и ги повика властите да обезбедат ефикасно судско постапување при еколошки прекршувања. Препорача и обука за судии и обвинители за врската меѓу човековите права и животната средина.
Комесарот го нагласи значењето на поддршката за еколошките активисти, вклучително и пристап до финансирање и заштита од злоупотреба преку судски постапки. Тој ги повика властите да го усвојат Законот за клима што е можно поскоро и да ги зајакнат процедурите за транспарентност и отчетност во еколошките процеси.