Сомнителна болест се шири во Пјонгјанг, властите наредија петдневен локдаун

Пјонгјанг Северна Кореја ковид/ Фото: Kyodo/Newscom / Newscom / Profimedia

Властите во главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг, наредија петдневен локдаун поради зголемување на случаите на неодредено респираторно заболување, објави денеска „НК Њуз“, повикувајќи се на информации од владата. Во владиното соопштение не се споменува ковид-19, но се наведува дека жителите на градот мора да останат во своите домови до недела и да ја мерат температурата неколку пати на ден.

Во известувањето меѓу другото се наведува дека главниот град е зафатен од настинка, пишува севернокорејскиот медиум. Наредбата на владата дојде еден ден откако NK News, повикувајќи се на извори во Пјонгјанг, објави дека жителите складирале резерви во пресрет на карантинот.

Не е познато дали и други области имаат воведено слични ограничувања, а државните медиуми не најавија воведување какви било мерки. Експертите сугерираат дека најголемиот град во Северна Кореја најверојатно ќе се соочи со нова епидемија на ковид-19.

„Ковид исчезнува и повторно се појавува во зависност од температурата, не само во Северна Кореја туку и низ целиот свет“, рече Го Мионг-хјун, истражувач во Институтот за политички студии Асан.

Корејскиот полуостров е под влијание на сибирското заладување, според синоптичарите, а температурите во Пјонгјанг се спуштаат до -22 степени Целзиусови.

„Северна Кореја предвреме ја прослави својата победа над вирусот… како што температурата паѓаше, Ковидот повторно се појави“, рече Го за АФП. „Северна Кореја сигурно се подготвила за тоа до одреден степен, но се чини дека вирусот повторно се појави малку порано отколку што мислеа“, додаде тој.

Кина, соседот на Северна Кореја и клучен трговски партнер, неодамна ја напушти својата строга ковид политика, по што се бореше со бранот инфекции што ги преплави болниците. Северна Кореја одржува ригорозна блокада од почетокот на пандемијата, но дозволува одредена трговија со Кина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот