
Собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ и АР ќе одржи седница за сомнежите за незаконско прислушување
Претседателот на Собранието, Африм Гаши за денеска во 11 часот ја закажа седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање во врска со актуелните сомнежи за незаконско прислушување од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), кое се вршело во периодот од 2019 до 2024 година.
Препорачано
Како што информираа вчера од собраниската прес-служба, со седницата ќе претседава пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.
Ова следи откако пратеникот Љупчо Пренџов како член на собраниската Комисија за надзор на АНБ и АР јавно го повика претседателот на Комисијата Скендер Реџепи од Европскиот фронт да закаже итна седница по што претседателот на Комисијата Скендер Реџепи рече дека додека е претседател и дискриминиран нема да свика таков состанок.
-Целта е на седницата да се разгледаат загрижувачките сомнежи за незаконско постапување во АНБ, односно, да утврдиме точен датум за официјална посета во Агенцијата за национална безбедност преку која ќе извршиме директен увид во состојбите и темелно испитување на сите околности поврзани со овие настани – изјави Пренџов.
Овие случувања, според пратеникот, предизвикале силна вознемиреност во јавноста и, како што рече, ја поткопуваат демократијата и довербата во институциите задолжени за заштита на националната безбедност.
-Токму затоа, обврска на Комисијата е да делува одговорно и транспарентно, со цел да се обезбеди отчетност на институциите и заштита на нивниот интегритет и демократијата во државата – појасни Пренџов.
Реџепи потенцира дека тој не може да присуствува на таква седница бидејќи информациите се класифицирани, а тој нема одговор на барањето за безбедносен сертификат кое го побарал уште во ноември или декември минатата година.
-Која би била логиката, претседателот на Комисијата да не може да присуствува на една таква Комисија или таков претрес во службите. Пред една година имам поднесено барање за безбедносен сертификат. Сметам дека тоа е дискриминација – истакна Реџепи.
Порача дека претседателот на Собранието има можност да свика седница на Комисијата.