Со закон ќе се решава минималната пензија, но веројатно в година

До крајот на годината очекуваме соодветно решение како да се утврди минималната пензија, а таа да биде над прагот на сиромаштија утврден од Светска банка, најави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска

Нов предлог-закон со кој ќе се регулира нивото на минималната пензија може да се очекува до крајот на годината. Работна група во која ќе учествуваат претставници од Министерството за труд и социјална политика, како и претставници на пензионерите, ќе работи на нова регулатива, најави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска по посетата на Центарот за дневен престој на возрасни лица во Чаир.

Тренчевска рече дека деновиве, откако Државниот завод за статистика ќе ги објави шестмесечните податоци за инфлацијата и за растот на нето-платите, ќе се утврди процентот на растот на пензиите, но според сегашните пресметки, тие ќе се зголемат најмалку за 6 проценти од септември. Министерката информираше дека според досегашните одлуки на Уставниот суд, неуставно е линеарно зголемување на пензиите, но, сепак, ќе се поведе иницијатива пред Уставниот суд за да даде мислење околу евентуалното линеарно зголемување.

Во понеделникот, пензионери од сите градови дојдоа на протест во Скопје, тие бараа линеарен раст на пензии од 3.500 денари и минимална пензија од 18.000 денари.
Министерката Тренчевска смета дека минимална пензија од 18.000 денари е нереална.

– Во моментов, минимална плата е 20.175 денари, затоа е нереално минимална пензија да биде 18.000 денари. Во ваков случај, жените што имаат минимална плата, а кои имаат право да работат и до 64 години, ќе ја користат можноста да одат во пензија на 62 години. Така, се оптоварува пензискиот фонд. Со таква минимална пензија ќе дојдеме во ситуација да се запрашаме дали пензија ќе добијат сите 330.000 пензионери. Најважно е пензискиот фонд да биде одржлив и пензионерите редовно да добиваат пензии – вели Тренчевска.

Таа најави дека според сегашните пресметки нема да има помала септемвриска пензија од 13.300 денари.
Според регулативата, пензиите се коригираат двапати годишно – во март и во септември. Корекцијата се врши, така што пензијата 50 проценти се усогласува со растот на нето-платата, а 50 проценти со растот на трошоците за живот.

– Министерството за труд е отворено за дијалог. Одржавме средба со Иницијативниот одбор на пензионерите што протестираа пред Министерството за труд и социјална политика, а вчера имавме средба и со Сојузот на здружението на пензионерите. Ги слушнавме нивните барања и на вчерашната седница во Владата доставивме информација и се договоривме да формираме работна група, а целта ни е со закон да се утврди минимална пензија согласно стабилноста на Фондот за ПИОМ и согласно капацитетот на државата во однос на фискалните импликации. До крајот на годината очекуваме соодветно решение како да се утврди минималната пензија, а таа да биде над прагот на сиромаштија утврден од страна на Светска банка – рече министерската Тренчевска.

Тренчевска уште еднаш потенцираше дека пензијата е економска категорија и не е праведно некој што работел и што одвојувал 15 години за пензиските денови да зема иста пензија со некој што работел и одвојувал за придонес 40 години.

Министерката најави дека работната група ќе разговара и за мерки од социјален карактер за пензионерите со најниски пензии, како и за унапредување на социјалните услуги.

– Во 44 општини има помош и нега овозможени во домови на стари лица, а има и повеќе дневни центри. Целта ни е место нашите мајки, татковци, баби и дедовци га ги носиме во домови, негата да им биде овозможена во нивните огништа што со години ги граделе – потенцираше министерката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот