
Со внесувањето на овој витамин може да се забави стареењето за три години
Редовното земање витамин Д3 може значително да го забави биолошкото стареење и да помогне во спречувањето на болести поврзани со стареењето, покажува новата научна студија објавена во „Американскиот журнал за клиничка исхрана“.
Препорачано
Овие откритија отвораат нови врати за потенцијалните стратегии за долговечност и зачувување на здравјето во староста.
Големо клиничко испитување
Студијата е дел од големо клиничко испитување наречено „Витал“, во кое учествувале жени постари од 55 години и мажи постари од 50 години. Во текот на пет години, учесниците секојдневно земале додатоци на витамин Д3 и омега-3 масни киселини дневно.
Теломерите како показател за стареење
Научниците се фокусирале на теломерите – заштитни краеви на хромозомите кои ја штитат ДНК во текот на делењето на клетките. Како што старееме, теломерите природно се скратуваат, а нивната должина е поврзана со развојот на разни болести, вклучувајќи кардиоваскуларни и невродегенеративни нарушувања.
– „Витал е првата долгорочна рандомизирана студија што покажува дека витаминот Д може да помогне во зачувувањето на должината на теломерите – рекла д-р ЏоЕн Менсон од болницата „Бригам енд воменс“, една од авторките на студијата.
Таа додала дека ова откритие е особено значајно бидејќи претходните истражувања веќе укажувале на други придобивки од витаминот Д, како што се намалување на воспаленијата и намалување на ризикот од хронични болести, вклучувајќи некои форми на рак и автоимуни нарушувања.
Три години „помлади“ клетки
Во текот на студијата, учесниците добивале 50 микрограми витамин Д3 и 1 грам омега-3 масни киселини. Должината на теломерите била мерена на почетокот, потоа, по две и четири години кај повеќе од 1.000 испитаници.
Резултатите покажале дека редовното внесување на витамин Д3 значително го забавило скратувањето на теломерите, што, според проценките на научниците, одговара на забавувањето на биолошкото стареење за речиси три години во споредба со плацебо-групата.
– Во споредба со плацебо, витаминот Д3 значително го намали губењето на должината на теломерите кај леукоцитите – се вели во студијата.
Од друга страна, омега-3 масните киселини не покажале значаен ефект на должината на теломерите во текот на траењето на истражувањето.
Потенцијална стратегија за долговечност
Коавторката на студијата, д-р Хајдонг Жу, истакнала дека резултатите укажуваат на тоа дека таргетираната суплементација со витамин Д може да биде корисна стратегија за забавување на биолошкото стареење.
– Иако се потребни понатамошни истражувања, дневната суплементација со витамин Д3 – со или без омега-3 масни киселини – може да игра важна улога во одржувањето на здравјето и функционалноста во староста – заклучуваат авторите.
Оваа студија поттикнува понатамошно истражување за улогата на витаминот Д во продолжувањето на здравиот животен век, а резултатите би можеле да имаат значајно влијание на јавното здравје и препораките за исхраната во иднина.