Со распит на вештаци продолжува судењето за Ласкарци

Превртен автобус на Дурмо-турс кај Ласкарци
Превртен автобус на Дурмо-турс кај Ласкарци / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во Основен кривичен суд денеска продолжи судењето за случајот „Ласкарци“, со прашања на јавниот обвинител Дарко Јакимовски за вештакот Невзат Зеќир.

Сослушувањето на супервештаците се одвива веќе подолго време. На претходните рочишта беше испитувано вештото лице Љупчо Постолов, дел од тимот што го изготви сообраќајното супервештачење за несреќата во која загинаа 16 лица и околу 30 беа повредени.

Постолов прашан дали 1,67 секунди не се доволни за сопирање, но е доволно за реакција на воланот и насочување на воланот кон десно, тој одговори дека неколку пати нагласиле дека од возачот на автобусот немало никаква реакција.

Во врска со тоа дека воланот по незгодата е најден завртен во десно, прашан дали во предметот сретнале фотографија каде што воланот е фотографиран во позиција за движење право, тој одговори дека во крајната положба воланот е во деформирана состојба. Прашан дали АБС системот на овој автобус бил исправен на денот на незгодата, тој одговори не. На прашањето дали таа неисправност на АБС системот била кај едно од тркалата, или кај сите тркала, тој одговори кај сите.

Прашан дали со ваков неисправен АБС систем за кочење, овој автобус смеел да биде пуштен во сообраќај и да превезува патници на ден 13.2.2019 година од страна на одговорните лица на превозникот Дурмо Турс, тој одговори дека не би требало.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Судскиот процес за несреќата започна во септември 2019 година и го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот