Со месеци никој не ја запира изградбата на 17-катницата во Карпош, иако е некомплетна дозволата за градба

Фото: Слободен печат

Дел од граѓаните се сомневаат дека дозволата за градба никогаш нема да му се одземе на инвеститорот и дека Општината, како што велат, нема да ја спречи изградбата сѐ додека не биде предоцна и прескапо да ја спречи.

Поминаа три месеци откако е поништено конзерваторското мислење за 17-катницата зад поликлиника Букурешт, но зградата продолжува да се гради, а Општина Карпош сѐ уште нема никаква реакција, ниту решение за запирање на изградбата. Инвеститорите ЗСФ-КОМ и „Делта 2015 Констракшн“ во моментов поседуваат одобрение за градба што Општината го издаде во јануари годинава врз основа на претходното позитивно конзерваторско мислење издадено во ноември минатата година.

Тоа предизвика реакции и протести од карпошани и граѓански организации, кои тврдеа дека ова мислење е нелегално. Поради тоа тие поднесоа и претставки до Министерството за култура и до Конзерваторски центар со барање за негово поништување, но од институциите се огласија дури откако беше издадена дозволата за градба. Конзерваторското мислење беше поништено дури на 21 февруари година со образложение дека не е во согласност со Правилникот за формата и содржината на образецот на конзерваторското мислење и за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на конзерваторското мислење.

Фото: Слободен печат

Од Општината повторно побаравме одговор дали конечно ќе се донесе решение за запирање на изградбата, односно за поништување на дозволата за градба или не и објаснување врз која законска основа Општината дозволува да продолжи градењето без документ којшто е неопходен за изградба во заштитено подрачје. И повторно оттаму стигна истиот одговор.

Ве информираме дека според член 95 од Законот за општата управна постапка, Службен весник 124/15, до истек на роковите предвидени за поведување управен спор против Решение бр.02.242/3 од 20.3.2024 година, донесено од Управниот одбор на Националната установа Конзерваторски центар – Скопје, од причини што решавањето односно правосилното завршување на цела постапка е предуслов за да се одлучи за самата работа, а претставува независно правно прашање за чие решавање е надлежен суд или некој друг јавен орган, Општина Карпош – Сектор за урбанизам не може да постапува односно нема да презема никакви управни дејства – информираа од Карпош.

Конзерваторски центар го поништи позитивното мислење за кулата во Карпош, на потег е Општината

На теренот каде што треба да никне спорната 17-катница, од утро до вечер работи механизација, брмчи и бучи, а инвеститорите веќе почнаа и да ги нудат становите на продажба.

 Зградата чудовиште се гради дење, ноќе, 20 часа дневно се чука, се загадува, се гради најбрзо што може за да се дојде до реализација за која при евентуално одземање на одобрението за градба, би барале огромен износ за надоместок на штета. И капак на сè, си поставиле кран надвор од заградената парцела, преку улица, па пренесуваат товари преку улица, од една парцела на друга, преку главите на луѓе и возила зошто улицата е слободна за сообраќај дури и кога товар ти виси над глава. Градежен инспектор, раководител на надлежен сектор, има или не, гледаат или замижуваат!? Колку е безвреден обичниот човек, се дозволува комодитет на градежникот по цена и на човечки животи – коментира жителка на Карпош.

Фото: Слободен печат

Граѓани што живеат во близина на градилиштето се жалат дека од бучава и тропање немаат мир до доцните часови. Велат дека се недостапни и пешачките премини, кои од едната страна се заградени, а од другата страна се паркирани возила и камиони за потребите на градилиштето. Според нив, невидена е ваквата негрижа за безбедноста на граѓаните, а ниедна институција во државава не го спречува ова самоволие. Тие се сомневаат дека дозволата за градба никогаш нема да му се одземе на инвеститорот и дека Општина Карпош, како што велат, нема да ја спречи изградбата сѐ додека не биде предоцна и прескапо да ја спречи.

Интересно е дека по три месеци работа, лупање и врева на градежната парцела, на терен не може да се види некаков сериозен напредок во изградбата. Сѐ изгледа исто како и на фотографиите направени набрзо откако почна да се гради.

Конзерваторското мислење за 17 – катницата во Карпош ќе се поништи, но неизвесно е дали ќе се „поништи“ и дозволата за градба

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот