Слугинка што ја преиспитува улогата на жената во општеството

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

„Приказната за слугинката“ зборува за едно општество создадено на територијата на Америка, во време кога верските фундаменталисти ја создаваат Република Гилеад, автократија со пирамидална моќ и строго дефинирани општествени улоги на мажите и жените, а сето втемелено на чудното толкување на Стариот завет.

И оваа серија, „благодарение“ на изолацијата, ја проследив со големо внимание. Кога велам „ја проследив“, мислам на третиот дел, бидејќи претходните два дела ги погледнав точно тогаш кога излезе оваа серија, некаде 2019 година. „Приказната за слугинката“ (The Handmaid’s Tale) е адаптација на познатата канадска писателка Маргарет Атвуд. Режисерот на серијата Брус Милер на мајсторски начин успеа да го прикаже дистопиското тоталитарно општество во нашата непосредна иднина.

Многу интересно е колку книгата, инаку објавена во 1985 година, успеа да го антиципира глобалниот тренд на десниот милитаризам, а богами и клерикализам што денес е доминантен во различни делови на светот, со различни културни и верски парадигми. Можеби во иста група на задолжителни серии може да влезе и „Чернобил“, но за неа, можеби, во некоја следна пригода.

„Приказната за слугинката“ зборува за едно општество создадено на територијата на Америка, во време кога верските фундаменталисти – по Втората граѓанска војна – ја создаваат Република Гилеад; автократија со пирамидална моќ и строго дефинирани општествени улоги на мажите и жените, а сето втемелено на чудното толкување на Стариот завет. Таквиот христијански фундаментализам го доведува општеството, кое е, парадоксално, република, во еден вид на „кастински“ систем; контрола на сексoт и контрола на раѓањето е основна опсесија на овој нарушен систем. Во таков систем се затекнува една млада жена со дете, која станува „слугинка“, односно сурогат-мајка за неплодните припадници на високата класа.

Јас се одлучив да ја опишам оваа серија за читателите на „Слободен печат“ поради, да речеме, две причини.

Првата причина се однесува за можниот правец на општествата во Европа, значи тука и денес. Маргарет Атвуд, дефинирајќи го својот жанр, рече дека не се работи за научна фантастика која содржи имагинарни елементи што не постојат во нашето време. Нема технолошки влијанија, нема ниту вонземјани, во прашање е, барем како што таа вели, „спекулативна реалност“, односно еден од можните правци во кое ќе се развива општеството во некоја релативно скорешна иднина. Во таа смисла, Атвуд одлично ја „предвидува иднина“ оти популизмот во политиката, со комбинација на конзервативизмот и верскиот фундаментализам, е наша сегашност.

Идејата на светот со која е опишана „Приказната на слугинката“ покажува дека може да се замисли сосема поинаква иднина, дел од Америка која ќе стане воено силна теократија, во перманентен конфликт со „слободниот свет“. Моќ втемелена на страв, општество кое нуди „чистота“ и „сигурност“.

Тука доаѓаме до втората причина зошто серијата „Приказната на слугинката“ мора да се гледа. Имено, со нарацијата на „Приказната на слугинката“, доаѓаме до големиот Вилхелм Рајх, познат австриски психоаналитичар, кој ја објаснуваше сексуалноста во политиката. Во центарот на тоталитаризмот, контролата покажува интерес за сексуалност и мајчинство, а децата стануваат производ и сопственост на општеството. За да се постигне степен на контрола, потребен е терор и апсолутно потчинување на жените. Тука лежи основната „драмолетка“ во серијата, затоа што „слугинката“ е метафора за улогата на жените во семејството и општеството.

Жената воедно е и носител на отпорот против тоталитаризмот, така што може да се каже дека Маргарет Атвуд дава одговор на големото прашање – кој е тој што може да биде општествен двигател на промените во 21 век?

Граѓанската војна во Америка – прво го означи крајот на робовладетелството – а потоа би можел да ја доведе улогата на жената и нејзините права. Се разбира, може да спориме со оваа теза за рамноправноста, ама ќе забележиме дека во сите фундаменталистички движења жената поради поголема или помала присила прифаќа подредена улога во општеството. Може да се каже дека рамноправноста е „полов“ дел од слободата, а нерамноправноста се толкува како потреба за сигурност, по правило секогаш „со амин“ од политиката и верата.

За жал, денешниот свет во многу аспекти ја достигна и надмина оваа дистопија. Посебно место и морална дилема го дава прашањето „кој е сопственик на нашите животи“, дали е тоа „еугенетика“ и „производство на деца“ за јавно добро? Тоа се силни прашања за кои јас немам одговор. Затоа е тешка пораката на „Приказната на слугинката“, но во пркос на тоа, таа порака е неопходна, затоа што светот докажа дека многу лесно се откажува од слободата. Оваа серија е шамар за да не ни се случи некоја мрачна иднина. Погледнете ја слугинката што ја преиспитува нашата слобода на утрешнината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот