Словенечките газди ги „празнат“ македонските резерви на работна сила

Работници во Словенија/ Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

Изминатава година, словенечките агенции за вработување во неколку наврати организираа саеми за вработување во Скопје, нудејќи одлични услови за македонските работници. Многу македонски лекари ја продолжија својата кариера во словенечките болници и клиники, а градежниците од Вевчани, меѓу првите ја „истапкаа“ патеката.

И покрај неизвесноста на словенечкиот пазар на труд и заладувањето на германската економија, со исклучок на енергетски интензивните компании, сè уште има побарувачка за персонал во другите индустрии. Работодавците ги бараат во странство, а сè почесто во Македонија, констатира СЕЕбиз.еу. Меморандумот за вработување меѓу двете земји е потпишан, се очекува само потпишување на договорот, вели новинарката на Радио Словенија, Уршка Ваљавец. Изминатава година, словенечките агенции за вработување во неколку наврати организираа саеми за вработување во Скопје, нудејќи одлични услови за македонските работници. Летна сезонска работа за готвачи, келнери, хигиеничарки, бармени и собарки се нудеше и на хрватското и црногорското приморје, а дел од нашите работници добиваа понуда да продолжат да работат и во зимските хотелски капацитети во Словенија. Многу македонски лекари ја продолжија својата кариера во словенечките болници и клиники, а градежниците од Вевчани, меѓу првите ја „истапкаа“ патеката на современите гурбетчии.

– Работев како готвачка кај сопственик на мал мотел во Дубровник, а откако заврши сезоната ми предложи да продолжам и зимата во неговиот пансион во едно словенечко туристичко место – раскажува една скопјанка за „Слободен печат“.

Словенија ја воведува европската сина карта за професионалците

Инаку, странските работници во Словенија сочинуваат околу 14 отсто од работната сила. Најголем дел од нив работат во градежништвото, угостителството, здравството и транспортот.

Мнозинството странци доаѓаат од Босна и Херцеговина, Србија и Косово, а во последно време сè повеќе има и државјани на Македонија. Весникот „Дело“ пред неколку дена објави дека тамошното МВР подготвило предлог измена на Законот за странци, со што треба да се олесни вработувањето и престојот на висококвалификуваните работници од странство во Словенија.

– Со предложениот амандман се воведува Европската директива за сината карта на Европската унија, која има за цел да го олесни вработувањето на висококвалификувани граѓани од трети земји во Европската Унија, што значи дека олеснувањето ќе важи и за македонските работници – пишува СЕЕбиз.еу.

Според резултатите од анкетата за работна сила (АРС) на Државниот завод за статистика за второто тримесечје од 2023 година, стапката на невработеност е 13,1 отсто. Премиерот Димитар Ковачевски на презентацијата на новата аутсорсинг компанија ЕМАПТА, оцени дека невработеноста во земјава е рекордно ниска, а особено се зголемила младинската вработеност. Ковачевски смета дека земјава сѐ повеќе ќе се свртува кон високотехнолошки инвестиции и услужни дејности, па дури се пошегува дека ќе се соочиме со слична ситуација како во Источна Европа.

– Тамошните инвеститори, дури им кажувале на нивните конкуренти да не доаѓаат за да не им ги крадат вработените. Најскап работник е обучениот работник и никој не сака да вложува во сопствениот кадар, а потоа да му го земат. Светот се менува, а и кај нас влегуваат нови, високотехнолошки инвестиции, кои нудат високи плати за да привлечат квалитетна работна сила – рече Ковачевски.

Според него, треба да се дозволи увоз на работна сила од странство, иако смета дека сè уште многу голем број ангажирани наши работници во домашната економија во сектори што се многу трудоинтензивни и кои постепено ќе треба да ги напуштиме.

– Во компаниите во Зоните, најмалку 95 отсто се вработени луѓе од земјава, истакна и Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.

Тој повтори дека е почната кампања со која ќе се обидеме да ги задржиме младите луѓе тука, што е многу важно. Деспотовски смета дека треба да си ги согледаме резервите што постојат дома, да ги искористиме, да ги платиме луѓето добро, па потоа да размислуваме понатаму.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот