
„Слободен печат“ открива што пишува во изјавата на медицинската сестра од Детската клиника, Таравари уште не се сретнал со неа
Министерот за здравство, Арбен Таравари, не смета дека ја оцрнил медицинската сестра која беше лажно обвинета за физичко насилство врз бебе на Детската клиника во целиот процес што се водеше против неа во болницата и каде што таа требаше да се правда за наводно „намерно предизвикани модринки врз тримесечно бебе поради тоа што мајката не зборувала македонски јазик, туку само албански“. Такви беа обвинувањата на семејството, после што Таравари веднаш замина во домот на семејството, а ДУИ се „залепи“ за меѓуетничкиот елемент на приказната без мерит, наведувајќи дека „констатираното физичко насилство е од етнички причини“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
И додека министерот Таравари и по трипати доаѓање на Детската клиника, уште не успеал да поразговара со сестрата и да ја слушне нејзината страна на приказната, „Слободен печат“ го открива елементот што досега не беше познат – а тоа е изјавата што сестрата ја дала во комисијата составена од пет членови формирана да утврдува дали таа имала намера да повреди бебе со предизвикување модринки. Комисијата има пет члена, ама еден не се потпишал на финалниот извештај. Од изјавата на сестрата произлегува дека немало никакво физичко насилство врз бебето.
Сè почнало на 7 јули годинава, кога мајката на бебето, која престојувала во болницата заедно со него, имала температура, поради што била повикана бабата да го причува. Медицинската сестра во својата изјава пишува:
„Кога пристигнаа бабата и дедото на пациентот, во тој момент, како и секогаш кога се работи за пациент или кое било друго лице кое е од албанска националност секогаш пристапувам културно и на љубезен начин. Конкретно во случајот ѝ се обратив на бабата на пациентот со зборовите: ‘Добар ден, дали сте вие бабата на пациентот (име познато на редакцијата) и дали вие бабе зборувате македонски или да повикам некој за да ни преведува за да можеме полесно да се разбереме?‘.
Во истиот момент лицето кое стоеше до бабата (во случајот дедото на пациентот) почна да негодува и на повисок тон дрско и мавтајќи со рацете да ми се обраќа со зборовите ‘како да разбира таа македонски, таа е домаќинка, како можеш така да ја прашуваш‘.
Во ред, му одговорив, не е проблем, ние на одделот имаме и други мајки Албанки со деца кои зборуваат и македонски и можат да ни преведуваат. Исто така на бабата ѝ кажав дека може да влезе, а дедото заедно со другото дете да останат во ходник, бидејќи е забранета посета. Во тој момент лицето кое стоеше до бабата ја истурка бабата во правец кон лифтовите и почна да ја влече и турка и да вика гласно по неа.
Во тој момент се повлеков и на службениот телефон го повикав обезбедувањето на Клиниката кое дојде за кратко време. Тогаш бабата влезе на одделот, а обезбедувањето остана да разговара со лицето надвор во ходникот пред одделот. Целиот случај се одвиваше околу влезната врата на одделот кој може јасно да се види и на безбедносните камери поставени на влезот на одделот“, пишува во изјавата од медицинската сестра.
Во текот на денот сестрата го пуштала да влезе и дедото на одделот и да го гледа бебето. Неколку дена подоцна, имало налог да се направат крвни анализи на бебето.
„На ден 11 јули четврток, јас пак бев на работа – дневна смена. По завршување на визитата кај детето беа назначени венски анализи и за нив беа потребни три епрувети крв. Во собата за интервенции е забрането присуство на придружник. Секогаш кога се работи на земање крв потребни се двајца како и во овој случај, а тоа го извршувавме јас и одделенската сестра.
Јас со едната рака боцкав, а со другата го држев пациентот за подлактицата. Колешката со едната рака го држеше пациентот за телото за да може добро да го фиксира и со другата рака за надлактицата и истовремено пумпавме за да добиеме притисок (медицинска пракса при земање венска крв). По завршување на интервенцијата ја повикавме мајката да ѝ го предадеме пациентот, кој во тој момент не покажуваше и немаше никакви траги како модринки и слично“, пишува во изјавата од медицинската сестра доставена до Комисијата во Детската клиника.
Оваа изјава не кореспондира со намерно предизвикано физичко насилство, меѓу другото и поради тоа што имало две медицински сестри присутни на чинот на земањето на крвта, па оттаму нејасно е зошто дедото се посомневал токму во онаа која ја посочил.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, денеска по третпат дојде на Детската клиника и пак не се сретна со медицинската сестра која преживеа голгота поради неосновани обвиненија непоткрепени со докази. Сестрата не беше на работа бидејќи дежурала претходниот ден и ѝ следува слободен ден. На прашањето на „Слободен печат“ зошто уште не се сретнал со неа откако таа беше лажно обвинета за физичко насилство врз тримесечно бебе и оцрнета, Таравари одговори:
– Ова е третпат како доаѓам на Детската клиника откако се случи тој случај. Прво дојдов на Детската клиника, па после отидов во домот на детето. Вториот пат дојдов, денеска ми е третпат и сакав да ја видам медицинската сестра, но таа не е присутна на работа. Меѓутоа добро е што се видов со Комисијата за тој случај, определена од колективот.
Добив информации. И повторно ќе има обид да се видам со пациентите кои се жалат и со медицински работници кои понекогаш можеби се под притисок. Верувајте и на отворена линија кога ќе ми се јават јас одам и ги посетувам пациентите, а не пак по јавно допрен глас. Јас сум вработен во здравството и сум еден од здравствените работници. Знам какви незгодни случаи може да поминеме, но секогаш треба во центарот на здравствениот систем да биде пациентот и граѓанинот.
И секогаш тие треба да бидат приоритет. А дека сме ја оцрниле, не е вистина. И таа вечер кажав дека не би сакал да прејудицирам и дека ми треба да ја слушнам и другата страна. Се надевам дека кога ќе дојдам четврт пат на Клиниката за детски болести ќе ја видам сестрата и ќе разговарам и со неа. Но сега имам доволно информации и гледам дека можеби и најверојатно според тоа што го кажуваат и дежурните доктори и болничарката и сестрата што била заедно на дежурство, дека не е намерно. И јас посакувам и се надевам дека е така – рече Таравари.
Потсетен дека кажа оти овој чин е „монструозен“, Таравари рече:
– Доколку навистина намерно е направено на дете, замислете, јас мислам дека навистина е монструозен чин. За кое било дете да се работи и за кој било здравствен работник. Така што, ќе продолжам да ги слушам двете страни и да донесеме последна одлука која е најправична – изјави министерот за здравство.