Следната 2024 г. ќе биде историска година за вложувањата во одбраната, најави Петровска

Два проценти од бруто–домашниот производ (БДП) ќе се одвојат за одбраната во 2024 година, од кои околу една третина ќе се насочат за модернизација и опремување, истакна министерката за одбрана, Славјанка Петровска на денешниот брифинг одржан со новинарите.

Како што најави Петровска, буџетот за 2024 година ќе биде поголем од годинашниот за околу 50 милиони евра, а од вкупната сума која треба да изнесува околу 327 милиони евра, речиси 100 милиони се одвоени за модернизација што претставува зголемување за 10 милиони евра во споредба со 2023 година.

Таа нагласи дека значаен дел од буџетот ќе биде наменет и за реконструкција на објекти, како и за набавка на униформи, обувки, санитетски материјали, одржување на воена опрема, муниција и материјални средства за обуки и вежби.

„Одбранбениот буџет за 2024 година е во висина од историски 2,05 отсто од бруто – домашниот производ, од кои повторно една третина ќе бидат наменети за процесот на модернизација и опремување. Тоа ќе овозможи набавките на оклопните возила „JLTV“ и „Stryker“, системите за противвоздушна одбрана „Mistral 3“ и артилериските орудија „Boran“ да продолжат да пристигнуваат согласно договореното“, истакна Петровска.

Во однос на човечкиот потенцијал, министерката се осврна на новиот Закон за вработените во одбраната кој се наоѓа во собраниска процедура и кој ќе овозможи раст на стандардот на вработените кои се клучна алка во безбедносниот систем.

„По измените во Законот за служба во Армијата, и бројните поволности за армиските припадници во зголемувањето на нивниот стандард, во 2024-тата година тоа ќе го направиме и за службениците во одбраната со новиот Закон за вработените во Министерството кој се наоѓа во собраниска процедура. Ако пратениците од која било партија навистина сакаат да го валоризираат трудот на вработените во одбраната кои се одговорни вклучително и за нивната безбедност како граѓани на оваа земја, ќе го поддржат ова законско решение без никакви калкулации и уцени“, рече министерката.

Министерката порача дека 2023 година беше успешна и меѓународен план, факт кој може да се види преку потпишувањето на десетгодишниот патоказ во соработката помеѓу Северна Македонија и САД, новиот Договор за одбранбена соработка со Словенија и првиот договор од овој тип со Португалија. Нашиот придонес кон колективната безбедност, истакна Петровска, може да се види преку учеството на армиските припадници во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и Бугарија, а на регионално ниво придонесуваме во мисијата на НАТО на Косово, КФОР и во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА.

Петровска им се заблагодари на претставниците на медиумите за исклучително добрата соработка и порача дека највисокото ниво на отвореност и транспарентностна Министерството, потврдено со три засебни мерења оваа година останува да биде златен стандард од кој одбраната нема да отстапи.

Началникот на Генералштабот, генералот Ѓурчиновски порача дека Армијата е целосно борбено подготвена за извршување на своите надлежности. „Моралот, опремата, оспособеноста на вооружените сили е на високо рамниште, продолжуваме со извршување на сите наменски задачи во 2024 година“, рече генералот Ѓурчиновски.

На брифингот со медиумите присуствуваа и заменикот-министер Тирон Јајага и државниот секретар во Министерството, Владимир Анчев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот