Славко Лазовски, даночен експерт: Не се оданочува ни половина од имотот, проблем се регистрите

згради аеродром
Фото: МИА

Измените на Законот за данокот на имот со кои се воведува трипати повисок данок за станбен простор што не се користи нема да има никакво значење за приходите на општините, а тоа е главната цел за која се прават измените – да се соберат повеќе пари. За да има повеќе пари во општинската каса, треба да има сосема нов закон за даноци на имот, затоа што сегашниот е многу лош, вели даночниот експерт Славко Лазовски, во разговор за „Слободен печат“.

Лазовски вели дека списокот во однос на тоа што е лошо во постојниот закон е многу долг. Но, најголема мана на овој закон, потенцира Лазовски, е неопфатот на имотот. Според него, само 45 до 48 проценти од имотот се оданочува, а причина за тоа се непрецизните регистри што ги имаат општините.

– Овие регистри се водат по историски единици, односно тие се нумерираат според пријавување на имот, додека катастарот се води по просторни едници. Така, регистрите и катастарот не може да се поврзат. Може да видиме дека според Катастар во Македонија има 900.000 недвижности, но ако се спореди со бројот на издадени решенија за данок на имот, ќе се види дека не се оданочува ни половина имот – тврди Лазовски.

Како дел од поважните забелешки за сегашниот данок за имот, Лазовски ги потенцира даночните ослободувања.

– Имаме предолга листа на даночни ослободувања во однос на данокот на имот. Целта на еден закон за даноци е да собере што повеќе данок, а не да создаде листа на што повеќе ослободувања – вели Лазовски.

Лазовски има забелешки и во однос на спроведување на законското решение.

– Во практика има доцнење на испорака на законските решенија, а никоја од општините и не пресметува законска камата за наплата на данокот – вели Лазовски.

Според новото законско решение кое се наоѓа во собраниска процедура, становите или куќите што ќе се издаваат најмалку 6 месеци во текот на годината, нема да се оданочуваат со прогресивен данок, односно тројно поголем. Лазовски изразува сомнеж дека системот ќе биде подготвен за да следи дали становите се издаваат или не, иако издавањето на законот според сегашната регулатива се евидентира во катастар.

– Тешко се докажува и дали станот се користи или не. Може вие за викенди си одите во некоја куќа или стан што го имате. За даночни цели потребно е да се направи увид на самото место. Тука нема врска адресата по лична карта. Оданочувањето се цени по економската суштина – вели Лазовски.

За издавање стан се плаќа данок на доход, а за самата сопственост на имотот, данок на имот.

– Овде не станува збор за двојно оданочување. За да имате двојно оданочување, треба да бидат исполнети три услови: ист даночен субјект, истовремено оданочување и ист данок – објаснува Лазовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот