Фото: Филип Пашоски и Сони Романов

Скопски моден фестивал: Нѐ очекува возбудлива модна пролет

Скопје оваа пролет ќе дише во духот на модата. Поточно во март, месец кој ќе биде во знакот на модата во македонската метропола. За првпат започнува Скопски моден фестивал, најголемата модна манифестација во нашата метропола, во чии рамки наспроти класичните недели и викенди, фестивалските активности ќе се одвиваат во текот на целиот месец, паралелно со случувањата во познатите светски центри.

Скопски моден фестивал е нова забавна манифестација за љубителите на дизајнот, културата и уметноста, која на едно место ќе обедини еминентни дејци од креативната индустрија, а истовремено ќе им даде простор и на младите таленти да ги промовираат своите дела.

Скопски моден фестивал/Фото: Филип Пашоски и Сони Романов

Првата сезона на настанот, под слоганот „The Future was Present“, ќе се одржи во текот на март вклучувајќи модни ревии и перформанси, ексклузивен продажен „шоурум“, дигитални проекции и изложби, богата музичка програма и гала вечер со црвен тепих за свеченото отворање.

Модните ревии ќе се одржат во текот на викендот – од 4 до 6 март. Концептуалниот „шоурум“ ќе се отвори на 7 март и ќе трае до самиот крај на месецот.

– Во рамките на Скопски моден фестивал, првпат ќе им се понуди на дизајнерите своите колекции директно да ги продаваат на своите купувачи. Секој од учесниците ќе има свое лично катче во коешто ќе ги презентира брендот и колекцијата и ќе го прошири својот круг на купувачи – вели Милан Атанасов, уметнички директор и извршен продуцент на настанот.

Како што истакнуваат организаторите на манифестацијата, целта на фестивалот е да се слави модата во сите можни форми, доближувајќи ја до што поголем број на публика, бидејќи македонската дизајнерска сцена го заслужува тоа.

Во модното видео и едиторијал со југоносталгичен дух и футуристички мотиви, застапени се креации од последните колекции на Евгенија Зафировска, Стефанија Насеска, КТН, Мирјана Јосифоска, La Dama. Како стилист на кампањата се потпишува Веселинка Паневска, додека автори на фотографите се Филип Пашоски и Сони Романов.

Скопски моден фестивал/Фото: Филип Пашоски и Сони Романов

– Минатото и иднината се две сѐприсутни димензии во светот на модата. Во најавното видео за првата сезона, тие се испреплетуваат низ визуелната игра со контрасти и проекции, но и безвременските парчиња кои совршено се вклопуваат во тематската приказна. Ме радува фактот што целата кампања наиде на позитивен одек уште за време на снимањето, а особено големиот интерес меѓу дизајнерите, како од земјата, така и од странство, своите нови колекции да ги претстават на фестивалот. Чест ми е да најавам дека за првпат во рамките на овој моден фестивал самостајно ревија ќе одржи дизајнер од Грција –
– вели Атанасов.

Локацијата и програмата на Скопскиот моден фестивал ќе бидат дополнително соопштени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот