Скопје ќе добие „pumptrack” полигон

Вљубениците во велосипедизмот, ролерите и скејтбордите ќе имаат можност да ги покажат своите вештини на новиот „pumptrack” полигон што го изгради Градот Скопје на површината пред Олимпискиот базен „Центар”. Полигонот претставува сплет на кривини и контури кои овозможуваат забавна, но пред се, безбедна спортска активност.

На отворањето на полигонот, денеска во 18 часот, ќе присуствува скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Предвидениот полигон почна да се гради во јуни годинава. Има вкупна површина од 1.690 квадратни метри и е поделен на два дела – детски полигон со површина од 290 квадратни метри и полигон за возрасни со површина од 1.400 квадрати. Детскиот полигон е специјално прилагоден за деца, за почетници и за лица во инвалидски колички. Тој е одделен од полигонот за возрасни и е составен од помали контури и кривини со што е овозможено безбедно возење. Полигонот за возрасни, пак, има различни елементи – двојни и тројни контури, скокови, брзи кривини и друго, кои овозможуваат поискусните да ги подобрат своите вештини.

Полигонот е погоден за сите типови и големини на велосипеди, ролери, скејтборди, како и за лица во инвалидска количка.

Градските власти изразија надеж дека овој простор кој досега беше неуреден, наскоро ќе стане ново и уредено катче со зеленило, урбана опрема и содржини за забава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот