Сити и Ливерпул ги поделија бодовите, Де Брујне трагичар
Големото дерби во осмото коло од Премиер лигата заврши без победник.
Дуелот последните два шампиони, поранешниот и актуелниот, Манчестер сити и Ливерпул заврши 1:1, а вистински трагичар е Кевин де Брујне. Белгискиот репрезентативец во финишот од првото полувреме го промаши пеналот, односно неговиот удар заврши надвор од рамката на голот.
Натпреварот започна со поофанзивна игра на Ливерпул чиј менаџер Јирген Клоп се одлучи да излезе на „Етихад“ со целиот напаѓачки арсенал, Мане, Салах, Фирмињо и Жота, и во 13. минута „црвените“ дојдоа во водство. Садио Мане беше фаулиран во шеснаесетникот на Сити, а сигурен реализатор на пеналот беше Мохамед Салах.
„Граѓаните“ израмнија во 31. минута преку Габриел Жесус, а во финишот можеа да дојдат до целосен пресврт, но Де Брујне го промаши ударот од белата точка.
Во второто полувреме, првата голема шанса ја имаше домашниот тим но шутот на Жесус заврши покрај голот на Алисон по што „црвените“ полека ја преземаа иницијативата но не успеаја да постигнат гол.
До крајот на натпреварот мрежите на Алисон и Едерсон мируваа, а ремито го искористи Лестер кој благодарение на голот на Џејми Варди од пенал со 1:0 го совлада Вулверхемптон и се искачи на врвот на табелата со 18. бода.
Ливерпул заедно со Тотенхем се веднаш зад Лестер со бод помалку, додека Манчестер сити со 12 бода е на делба на деветтото место на табелата.