Синоличка Трпкова за „Македонска сага“ на Сунчица Уневска

Македонска сага е најновата книга, збирка на филмски рецензии и коментари за филмските состојби во Македонија, на нашата филмска критичарка Сунчица Уневска. Рецензиите и коментарите во книгата го опфаќаат македонскиот филмски опус од 1993 – 2019, или поинаку кажано филмовите правени во период од осамостојувањето на Македонија до денес, период кој ни даде шанса за еден нов филмски почеток. Сунчица и самата во воведот пишува дека во Кинотека се заведени 92 филмски записa за тој период, но според неа „не сите ја одразуваат реалната состојба и не го опфаќаат она што во суштина е македонски филм”. Во нејзината книга таа прави избор на рецензии за 45 филма водејќи се од два критериума: „да се работи за македонски автор и да се работи за тема доминантно поврзана со Македонија”.

Насловот на книгата е воедно и наслов на филмот на режисерот Бранко Гапо што метафорично ја отсликува трагичната љубовна приказна на Дамјан и Џемиле, а во исто време на едно сосем инакво ниво и значење – совршено одговора на случувањата со нашиот филм од осамостојувањето до денес. Додека ги читате рецензиите на филмовите и коменатрите за состојбите во филмот низ времето, влегувате во еден времеплов каде не сте сигурни дали сето тоа вистина се случило или било “како лош сон” од кој што сте се разбудиле “исцелени”.

Како професор на ФДУ морам да кажам дека оваа книга е од посебно значење, зашто опфаќа важен период од нашата кинематографија (земајќи во предвид дека филмот е млада уметност), којшто сега го имаме на располагање на едно место. Друга литература од ваков вид за сега немаме. Уневска направила избор од нејзините филмски рецензии и коментари за состојбите во филмот, коишто даваат прецизен хронолошки пресек и анализа на македонската кинематографија во период од 27 години. Со тоа, таа ни остава и свое лично авторско творештво преку кое можеме да патуваме низ нашата филмска историја на автентичен и критички начин. Ваквиот запис станува уште подрагоцен ако ја земеме во обѕир испостеноста од книжевни дела на мајчин јазик, врзани за тема – македонски филм. На крајот и не ви останува простор за допаѓање или недопаѓање на делото и на авторскиот печат, туку го пречекувате со радост.

Во рецензиите на Сунчица објавувани во 27 годишниот период, можете да ја насетите нејзината посветеност кон секцирањето на филмските остварувања од многу аспекти. Читајќи ги во континуитет, разбирате дека таа секогаш тежнеела да ни даде изострен и реален поглед за филмските дела, и преку човечен и искрен приод да ни ја долови секоја порака на нивните автори. Штедлива е на комплименти, но кога ќе ги даде тие се аргументирани и вредни. Таа не само што ја сака филмската уметност, но и навива за неа. Таа е дел од публиката што со радост седнува во филмската сала, за потоа со страст и проникливост да пишува за филмот, без разлика каков е. Зашто тоа е нејзиниот живот и професија.

Тоа што паѓа во очи по прочитувањето на книгата е дека нашите филмски почетоци по осамостојувањето на државата, се доста надежни. Со сите маани и недостатоци филмските дела од тој почетен период носат печат на професионалност и ентузијазам. Најрелевантен пример за тоа е “Пред дождот”(1994) на Манчевски, филм што копнее да отвори креативно, оптимистичко поглавје во нашата кинематографија, освојувајќи го светот. Но, поврзаноста меѓу состојбите во земјата (политички, економски, општествени) и правењето филмови – одат рака под рака. И така навестениот филмски оптимизам полека се претовора во долга, често мачна и неизвесна приказна.

Нашата изолација од светските текови на секој план, влијае неминовно и врз квалитетот на филмовите. Сето ова провејува низ рецензиите и коментарите на Уневска. За во еден момент (2010) таа да констатира дека “колку помалку пари одвојува државата за филмовите, толку поголеми стануваат буџетите за македонските филмови, а нивната реализација и резултатите – се’попроблематични.” Понатаму таа во коментарите продолжува со дијагностицирање на причините за лошите состојби во филмот, за кои смета дека произлегуваат од неподготвеноста и незнаењето на новите генерации и слабостите во образованието. Нејзиниот коментар од 2015-та почнува со реченицата “Каде оди макeдонскиот филм”, за потем да се надоврзе на зборовите на познатиот српски (југословенски) филмски режисер, ученик на прашката школа – Срџан Карановиќ, кој вели дека школото најпрво треба да се бави со демистификација на филмската уметност. Со други зборови, пред какво било мистифицирање на филмот, се учи занаетот.

Книгата Македонска сага е огледало на филмскиот (транзициски) живот во Македонија кој исто како и оној обичниот – започнува со ентузијазам и надеж, за по скоро три децении напразно потрошено време и пари, да заврши исто така. Последната рецензија е за филмот Исцелител, со која таа ја завршува сагата со “хепи енд”, потсетувајќи не’ дека секогаш ќе постојат примери кои можат да се следат, но и од кои може да се учи. Сунчица во тој контекст во коментарот го споменува и Медена земја, документарниот филм на Котевска и Стефанов, којшто во моментов ги руши рекордите по број на наградувани македонски филмови во светот.

На крајот како читатели би можеле да заклучиме дека филмовите, добри или лоши, сепак остануваат да бидат едни од најрелевантните, есенцијални уметнички сведоштва за нас и нашите животи во времињата во кои живееме. Визуелни записи што засекогаш остануваат онакви какви што се. Записи во кои не ќе може да се интервенира и менува. Записи за нашите, безмалку тридецениски, филмски, уметнички дострели, падови и срамови. Македонска сага на Сунчица Уневска е документирана потврда за тоа.

Бројни посетители на промоцијата на „Македонска сага“ во МКЦ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот