Синод во Ватикан: Револуционерниот папа ризикува шизма во Црквата

Папата ги поздравува верниците на Плоштадот Свети Петар - Фотографија ЕПА, Алесандро ди Мејо

По долг и цврст молк за агендата на претстојниот глобален синод, папата Франциск навести какви промени може да бидат усогласени на собирот во Ватикан, кој веќе е историски, зашто на него првпат ќе се уважи и глас на жени и на обични верници, покрај оној на бискупите

Благословот за истополови заедници е само една од низата радикални одлуки што се очекуваат на едномесечниот глобалниот Синод на Римокатоличката црква што притаено се подготвува веќе две години. Црквата под раководство на папата Франциск ја разгледува можноста да се овозможат благослови на истополовите бракови, наспроти заклучокот од Конгрегацијата за доктрина на верата од 2021 година дека „Бог не може да го благослови гревот“.

По долг и цврст молк за агендата, папата Франциск навести какви промени може да бидат усогласени на собирот во Ватикан, кој веќе е историски, зашто на него првпат ќе се уважи и гласот на жените и на обичните верници, покрај оној на бискупите. Таквите иницијативи соодветствуваат со заложбата на папата Франциск, кој упорно го шири ставот дека „црквата е повеќе за стадото отколку за пастирите“.

Папата Франциск веќе изрази тивка поддршка за граѓанските закони што ги прошируваат правните привилегии на истополовите заедници. Во некои европски земји католички свештеници прифаќаат истополови заедници.

Конзервативци предупредуваат на шизма

Црквата не е целосно зад политиката на папата. Уште кога Франциск пред три години го најави одржувањето на Синодот, влијателни конзервативни бискупи предупредија да не се расправа за „прашања што веќе се одговорени“ за да се избегне ризикот од нова шизма. Петте конзервативни кардинали, по еден од Европа, Азија, Африка и од двете Америки, во писмо до папата му поставија пет битни прашања, во форма на „дубија“, со барање од поглаварот да ја потврди доктрината на Римокатоличката црква за хомосексуалноста и промовирањето на жените. Петтемина потписници биле назначени за бискупи во времето на поконзервативните папи Јован Павле Втори или Бенедикт Шеснаесетти: поранешниот ватикански историчар Валтер Бранденмилер од Германија, поранешниот член на Врховниот суд Рејмонд Бурк од САД, пензионираниот надбискуп од Гвадалахара Хуан Сандовал, пензионираниот шеф на канцеларијата за литургии Роберт Сарах од Гвинеја и поранешниот надбискуп од Хонг Конг, Џозеф Зен.

Папата се соочува со отпор од конзервативците – Фотографија ЕПА, Анџело Каркони

Бранденмилер и Бурк беа меѓу четворицата потписници на „дубијата“ до папата од 2016 година, со барање да ја објасни одлуката за дозвола на причестување на разведени двојки. Франциск тогаш не испрати одговори, но Ватикан го објави одговорот на папата на новите прашања. Тој писмено објаснува дека „промените во светот ја стимулираат Црквата подобро да ги разбере и да ги објасни своите учења“, при што го посочува синодот како „начин да се трасира патеката за иднината“.

– Искрено во велам дека не е добро да се плашиме од вакви прашања – одговори папата.

Во писмото до кардиналите Франциск го потврдува ставот на црквата дека „бракот е заедница меѓу маж и жена“, но забележува и дека „пастирската милост бара трпение и разбирање дека луѓето се грешници што можеби не се целосно виновни за нивните ситуации“, а додава дека „свештениците не може да бидат судии што само негираат, отфрлаат и исклучуваат“.

Промоција на жени во ѓакони, заштита на маргинализираните

Преписката го привлече вниманието кон Синодот, кој ќе се одржи во две сесии. Првата почнува денеска и ќе трае до 29 октомври, а в година во истиот период ќе се одржи втората, на која се очекува официјално да се усвојуваат предлозите што ќе бидат усогласени годинава.

Специјален комитет на Ватикан во кој се високорангирани свештеници веќе две години работи на текстот на завршниот документ на синодот. Целта е да се поттикне дебата за горливи прашања, во форма на прашања и одговори. Лица што се запознаени со работата на комитетот укажуваат дека веќе е постигнат консензус за некои конкретни прашања, на пример за промовирање на жени во Римокатоличката црква, на позиција на ѓакони, како и за давањето поголем глас на обичните верници за црковни прашања.

Папата поттикнува револуција во доктрината на Ватикан – Фотографија ЕПА, Анџело Каркони

Нацрт-документот содржи и повици за „радикална инклузија“ на католички верници од ЛГБТИ-заедницата, но и на други групи што досега биле маргинализирани од црквата, како и воведување механизми за да се провери како бискупите работат на спречување злоставувања.

На синодот ќе учествуваат 365 делегати со право на глас, вклучувајќи го и папата. Од нив дури 54 се жени. Учесниците се делегирани лично од папата, од националните конференции на бискупите, а десетмина се свештеници и калуѓерки избрани од верски редови. На синодот учествуваат и близу сто експерти чија главна улога ќе биде да го задвижат дијалогот за агендата, но тие нема да имаат право на глас.

Во последен момент вклучени на синодот се и бискупи од Кина, што е сигнал дека Ватикан и Пекинг настојуваат да ги подобрат односите, кои долго време беа замрзнати поради статусот на католичката црква во Кина. Папата лично ги повика бискупите Јао Шун од Ѓининг и Јанг Јонгчијанг од Шандунг, а на Синодот ќе учествува и хонгконшкиот надбискуп, кардиналот Стивен Чау.

– Тоа е знак на добра волја, сигнал дека црквата и властите во Кина сакаат поблиски односи – изјави Чау за Асошиетед прес.

Синод зад строго затворени врати

Преписката на конзервативните бискупи со папата и вклучувањето на кинеските делегати се речиси единствените вести за Синодот што допреа до јавноста. Ватикан во строга тајност ги држеше подготовките што се одвиваат веќе две години, наспроти досегашната политика на отвореност што ја практикува папата Франциск. За да се поттикне слободна дискусија, откажани се планираните преноси од средбите, кои ќе се одвиваат зад строго затворени врати. На делегатите им е забрането да даваат изјави за медиумите.
Паоло Руфини, задолжен за односи со јавноста, ја демантираше информацијата дека дебатата е прогласена за „папска тајна“, што е еден од највисоките степени на таинственост во Ватикан. Руфини објаснува дека молкот е израз на „литургиски момент на молитва“, што е во согласност со есеите за „ползата од молкот“.

Папата Франциск лично ја оправдува таинственоста на Синодот, истакнувајќи дека целта е да се избегнат „политичките озборувања“.

– Ова не е телевизиско шоу – изјави папата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот