
Сиљановска – Давкова за хибридните напади: За свикување на Советот за безбедност се потребни релевантни информации
По изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека има индиции за хибридни напади од центри на моќ од земјава и надвор за палењето на три депонии во една недела, од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљновска – Давкова на прашање на „Слободен печат“, велат дека за свикување и одржување на седница на Советот за безбедност потребни се релевантни информации и подготвени материјали.
Препорачано
– Претседателката секогаш ги консултира членовите на Советот пред да свика седница, како и надлежните органи и служби. Во моментов се одвиваат активности насочени кон откривање на причините за пожарите, санирање на последиците и превенирање на слични инциденти. Се разбира, може да очекуваме и идентификување на евентуалните сторители, утврдување на нивната одговорност и нејзино санкционирање За свикување и одржување на седница се потребни релевантни информации и подготвени материјали – велат од Кабинетот за „Слободен печат“.
Мицкоски вчера во гостување на дневникот на „Сител“ уште еднаш повтори дека има индиции за хибридни напади против оваа власт, но по ваквите изјави не беше свикана ниту седница на Советот за безбедност, а од АНБ за „Слободен печат“ изјавија дека преземаат засилени активности за идентификување на носители на хибридни напади и дека континуирано ја следат состојбата со пожарите, прибира и разменува информации со државни институции и странски партнерски служби и меѓународни безбедносни организации и прави проценка на ризиците и навремено го информира државниот врв.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју пак за „360 степени“ кажа дека сомнеж постои но нема докази дека пожарите се палат организирано, информација што вчера ја кажаа и од Обвинителството.
– Не може да се докаже поврзаност или организација меѓу пожарите во последниот период, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Сепак, останува сомнежот, како што вели Тошковски, поради тоа што пожарите се случија во краток временски период. Засега не можеме да докажеме поврзаност или организација помеѓу настанатите пожари. И тоа е точно. Да сме можеле да докажеме, ќе имаше и други дејствија коишто ќе следеа кон други организирани групи – рече Тошковски.
Среде Вардариште живеат 200 луѓе, дел од нив постојано потпалуваат, вели Тошковски