
Што се случува со нашиот мозок кога ќе се пензионираме?
Предизвик е да се остане ментално свеж и здрав за време на големата транзиција што ја носи пензионирањето. Клучно е внимателното планирање пред одењето во пензија, нагласуваат експертите.
Препорачано
За милиони луѓе кои секоја година се пензионираат, завршувањето на нивниот работен однос може да се чувствува како заслужен одмор. Но, исто така може да предизвика големи промени во менталното здравје, вклучително и зголемен ризик од когнитивно опаѓање и депресија, пишува „Њујорк тајмс“.
Додека сте вработени, станувате наутро, се дружите со колегите и се справувате со менталните предизвици на вашата работа. Одеднаш, по 40 години, ја губите таа рутина. Затоа телото и мозокот треба да се прилагодат кога веќе не се потребни. И тогаш се јавуваат влошувањата како природен одговор на неактивноста.
Но, пензионирањето исто така може да биде можност за подобрување на когнитивното и менталното здравје, со новооткриено време за дружење и следење хоби. Дури и ако почнал некој пад да се јавува, постојат силни докази дека мозокот може да се опорави од периоди на неактивност, дури и во старост.
Пад на когнитивните способности и расположение
Една анализа на повеќе од 8.000 пензионери во Европа покажа дека вербалната меморија на луѓето (способноста да се потсети на низа зборови по одредено време) генерално опаѓа побрзо по пензионирањето, во споредба со кога сè уште работеле. Друга студија спроведена во Англија покажа нагло опаѓање на вербалната меморија по пензионирањето, иако другите вештини, како апстрактното расудување, не биле засегнати.
Истражувањето откри и врска помеѓу пензионирањето и појавата на депресија. Ненадејната транзиција од зафатен работен век во недостаток на ангажман може да ги влоши чувствата на безвредност, лошо расположение, тага, како и тешки симптоми на депресија и губење на меморијата, предупредуваат научниците.
Природата на работата – и начинот на кој ја доживуваме нашата работа – се чини дека влијае на ризикот од опаѓање. На пример, истражувачите откриле дека оние кои работеле на повисоко рангирани работни места покажале поголем пад од другите, веројатно затоа што нивниот идентитет бил посилно поврзан со нивните кариери.
Студија во Европа, исто така, покажа дека луѓето кои престанале да работат порано од стандардната возраст за пензионирање, покажале помал пад од оние кои престанале да работат подоцна. Тоа би можело да биде затоа што луѓето кои порано се пензионирале можеби немале толку ментално тешки работни места, што резултирало со постепен пад откако ќе се пензионирале.
Луѓето кои се принудени да се пензионираат поради здравствени проблеми или други причини, или кои се соочуваат со финансиски предизвици при пензионирањето, може да претрпат потешки последици.
Исто така, жените имаат помала веројатност да доживеат ненадеен ментален или когнитивен пад, потенцијално затоа што имаат поголема веројатност да продолжат да се дружат и да поминуваат време со семејството по пензионирањето.
Вредноста да се има план
Пензионирањето може да биде причина за раст наместо пад, велат експертите. Клучот е да се постави одредена основа однапред.
Не чекајте да се пензионирате за да планирате пензија
„Планот не може да биде: „Работев толку напорно толку долго што прво добро ќе се одморам, а потоа ќе сфатам што ќе правам“, нагласил д-р Рос Андел, професор на Државниот универзитет во Аризона.
Идеално, треба да воведете нови ментално и физички ангажирачки рутини неколку години пред да престанете да работите, советува д-р Алисон Мур, раководител на одделот за геријатрија, геронтологија и палијативна нега на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего.
Дури и ако не ги започнете веднаш, треба однапред да планирате. Одложувањето на тие одлуки – на пример, дали да поминете половина година во патување – додека не се пензионирате, го отежнува преземањето акција.
Целта е да се префрли од еден тип на секојдневен живот во друг. Да се биде отворен за нови искуства пред да се случи оваа голема животна промена може некако да не подготви.
Најдете ново чувство за цел
„Луѓето можеби чувствуваат дека нивната цел е да придонесат за работата, а кога тоа ќе им се одземе, тие мора да измислат нешто друго за да го заземат тоа место“, забележува Џон Бирд, професор по продуктивно стареење на Медицинскиот центар на Универзитетот Колумбија.
Истражувањата покажуваат дека луѓето со чувство за цел генерално доживуваат помалку когнитивен пад поврзан со возраста.
Особено може да помогне волонтерската работа. Истражувањето покажа дека луѓето кои редовно волонтираат во пензија покажуваат побавни стапки на биолошко стареење и можат да го спречат когнитивниот пад со тоа што ќе останат активни и ангажирани (без стрес од работа со полно работно време).
Обидете се да останете друштвени
Вообичаено е луѓето да ги губат социјалните врски по пензионирањето. Постојат прилично цврсти докази дека прво се намалува бројот на социјалните контакти, а потоа и когнитивните способности.
Со цел да се спречи депресија, пад на когнитивните способности и рана смртност што може да настане со социјална изолација, се препорачува пензионерите да го заменат дружењето на работното место со редовни лични или виртуелни собири.
Не се сите дружења еднакви. Најдобрите активности се оние што го предизвикуваат вашиот ум и поттикнуваат значајни дискусии со другите. Слушањето радио и гледањето телевизија не е исто, предупредуваат невролозите и психолозите.
Испробајте нови работи
Правењето нешто креативно и ново може да ви даде чувство за цел и да го одржите вашиот мозок остар. Истражувањата покажуваат дека креативноста може да се практикува како и секоја друга вештина. Тоа може да биде пишување неколку минути секој ден или обид да се дојде до оригинален рецепт за вечера.
Редовното вежбање е клучно за здравјето на мозокот како што стареете, па затоа можеби ќе сакате да размислите да пробате нов тип на фитнес часови.
Креативноста може да го поттикне и чувството за смисла на животот кај една личност, што обезбедува големо лично задоволство.