
Што може да се очекува од самитот на Г7?
Самитот на Г7 почнува денеска во канадските Карпести планини – во тешки времиња за глобалната политика. Можат ли Трамп, Мерц и другите да постигнат согласност околу заеднички курс, барем за некои точки?
Групата Г7 се состанува во Кананаскис, во Канада. За германскиот канцелар Фридрих Мерц, тоа е прв состанок од овој формат, а со тоа и прв голем тест на меѓународна сцена.
Покрај него, ќе учествуваат и шефовите на држави и влади на Франција, Велика Британија, Италија, Јапонија, Канада и САД. Пристигнуваат и други гости од таков калибар. Што да се очекува од самитот?
Препорачано
Кои се главните теми на самитот на Г7?
Постојат неколку теми со кои ќе се занимаваат седумте економски сили. На пример, веројатно ќе се разговара за ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран.
Војната во Украина и светската трговија исто така се на дневен ред – а, тоа се прашања околу кои Доналд Трамп и неговите европски сојузници сега се на значително раздалечени позиции.
До кој степен нападите на Блискиот Исток се во фокусот на самитот?
Тоа зависи од развојот ситуацијата на терен. Непосредно пред заминувањето за Канада, канцеларот Мерц изјави дека очекува конфликтот меѓу Израел и Иран да биде многу високо на агендата. САД и Европејците го уверија Израел во својата солидарност, но до сега активно не ја поддржаа неговата офанзива против големите воени и нуклеарни објекти во Иран. Но, тоа би можело многу брзо да се смени кога се САД во прашање. Се стравува дека иранското раководство би можело да нареди и одмазднички напади врз американски бази на Блискиот Исток. Во тој случај, би било реално да се очекува дека и САД ќе возвратат – со што ќе се премине на ново ниво на ескалација.
Тоа би се случило и ако САД почнат активно воено да му помагаат на Израел во нападите врз одредени ирански нуклеарни постројки, за кои експертите велат дека се наоѓаат длабоко под земја. Трамп веројатно самостојно ќе одлучи кој пат ќе го следат САД во конфликтот – односно, без партнерите од Г7.
Што може да постигнат Г7 во врска со Украина?
Преговорите меѓу Русија и Украина кои ги иницираше Трамп, до сега не вродија со плод. Затоа, Европејците сакаат да го убедат дека неговите напори имаат шанса само ако се зголеми притисокот врз Русија. На пример, тие сакаат дополнително да ги намалат приходите од извоз на руската држава со намалување на ценовниот плафон за продажба на руска нафта на земји како Индија или Кина од сегашните 60 на 45 американски долари за барел. Ограничувањето на цените беше воведено во 2022 година и вклучува санкции против чинители вклучени во извозот на руска нафта по повисоки цени.
На украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе му биде дадена можност во Канада повторно да побара дополнителна поддршка. Тој е поканет на работен појадок со учесниците на Г7 во вторникот наутро – како и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Може ли да се спречи натамошна ескалација на конфликтот со царините?
Покрај поддршката за Украина, ова е второто приоритетно прашање за Европејците. Ако договор не се постигне до 9 јули, новите високи американски царини, како што стојат нештата, ќе се применуваат на речиси целиот извоз од ЕУ во САД – а, ЕУ би возвратила со царини за увозот од САД.
За да се спречи тоа, разговорите меѓу Брисел и Вашингтон траат со недели – а, неизвесно е дали ќе бидат успешни. Трамп царините ги смета не само за алатка за намалување на трговскиот дефицит на САД, туку и како извор за финансирање на намалувањето на даноците. ЕУ до сега им понуди на САД обострано намалување на царините и отстранување на таканаречените нецарински трговски бариери, кои вклучуваат разни прописи и стандарди за автомобили. Покрај тоа, ЕУ би можела да им вети на САД дека ќе набавува уште повеќе американски течен гас, како и воена опрема.
Сите очи се вперени во Трамп – како ќе се однесува?
Непосредно пред самитот на Г7, претседателот на САД одржа голема воена парада во Вашингтон по повод 250-годишнината од основањето на американската војска – којашто се совпадна со 79-тиот роденден на Трамп. Тоа беше демонстрација на воена моќ пред очите на светот. Тој сега лета за Канада токму со тие борбени слики во багажот.
Републиканецот е на власт речиси пет месеци и за тоа време брзо ги поткопа демократијата и уставниот систем во САД. На меѓународен план тој отуѓуваше еден по еден од партнерите – во што се смета и неговата најава за казнени царини.
Какви се очекувањата на германскиот канцелар?
На неговата прва средба со Трамп во Белата куќа на почетокот на месецот, Фридрих Мерц се обиде да избегне можни точки на конфликт. Веројатно сака таквиот курс да продолжи во Кананаскис. Првиот разговор со американскиот претседател беше „хармоничен“ – како што велат од делегацијата на Мерц. „Сега следниот тест е: како тоа изгледа во тимска ситуација и колку добро Г7 успева да го пренесе тој тимски дух на надворешниот свет?“
За Мерц станува збор и за негово афирмирање меѓу Европејците и да преземе вистинска лидерска улога. На неговите први патувања – особено во Киев и Вашингтон – тој стекна самодоверба. Сега следува цела низа важни самити. По самитот на Г7, Мерц ќе присуствува на самитот на НАТО во Хаг, а потоа на неговиот прв самит на ЕУ во Брисел.
Може ли да се очекуваат далекусежни одлуки на самитот?
Шефовите на држави и влади на Г7 нема да објават сеопфатна заедничка завршна декларација, а причината за тоа се САД под водство на Трамп, кои драстично отстапуваат од некогашната посветеност на Г7 во области како заштитата на климата, развојната помош и светската трговија. На одлуката да не се објавува завршна декларација можеби влијаело и сеќавањето на самитот во Канада во 2018 година, кога Трамп спектакуларно го прекина состанокот со повлекување на одобрението за завршната декларација кратко по завршувањето на самитот. Годинава се планирани само поединечни изјави за темите миграција, критични суровини, вештачка интелигенција, квантна технологија, шумски пожари и странско влијание. Било што повеќе од тоа – на пример договор за зголемување на притисокот врз Русија со нови санкции – би бил голем успех.
Што е групата Г7 – и како настана?
Глобалната економска криза од 1975 година – пред речиси 50 години – им даде идеја на германскиот канцелар Хелмут Шмит и на францускиот претседател Валери Жискар д’Естен за самит на главните индустриски земји во светот за да се најде решение.
Првиот состанок во замокот Рамбује во близина на Париз во ноември 1975 година ги собра шефовите на држави и влади на Франција, Германија, САД, Обединетото Кралство, Јапонија и Италија. Една година подоцна, Канада ја комплетираше „Групата од седумте“ за следните речиси три децении. Русија стекна полноправно членство во 2002 година, но групата постоеше како Г8 само до 2013 година. Самитот во 2014 година во Сочи, Русија, на Црното Море, пропадна поради руската анексија на Крим. Од тогаш групата е преименувана во Г7.
Првобитно беа опфатени седумте најголеми индустриски земји во светот. Денес веќе не е така бидејќи Италија и Канада се истиснати од првите седум од страна на Кина и Индија. Сепак, економската сила веќе не се смета за најважната врска меѓу земјите-членки. По исклучувањето на Русија, пред сè заедничките демократски вредности прават кохезија и резон за постоењето на Г7. Со инаугурацијата на американскиот претседател Трамп, пак и таа заедничка рамка на вредности почна да се ниша.
Извор: Дојче веле/ Автор: Иван Ѓерковиќ