Кокино

Што да правите во Скопје ОВОЈ ВИКЕНД

Добредојде октомври! Добредојдени сте и вие, за сега, срамежливи дождови (со вас полесно навечер се заспива), добредојдена е свежината во градот. На посвежичко време, се знае што се прави – се гледаат добри филмчиња и се дегустира одлично вино. А, ако случајно се чувствувате „депрес“ или ако, не дај Боже, на ум ви паѓа дека „поцрни денови од овие нема“ – овој викенд имате можност да им се радувате на белите ноќи. Ќе има домашни и меѓународни уметници, музичари и перформери на 15 различни локации низ градот. За детали и програма (зашто е опширна, па одберете си сами) проверете – ТУКА. 

 

Скопјенце и овојпат ви нуди сѐ што ви е најпотребно за викендов да си ја згреете душата, да си го наполните срцето, и очите, со уметност. И секако, да се насмеете, зашто богот на виното, Дионис, навистина ќе ни „гостува“ во нашиот град, баш овој викенд.

Викендот ќе биде во знакот на филмовите, фала им на „КинеНова“, а вински дегустации ќе има на повеќе локации. Пијте малку, ама добро! И заборавете на автомобилите. Особено в недела, кога ќе се случува „Skopje Run 10K.“

Викендов е по мерак и на фудбалските фанатици: резервирајте ја сабота за „Шкендија-Вардар“ (во 15 часот), за Ливерпул-Лестер (16.часот), а недела за „Интер-Јувентус“ (20.45 часот) и „Барселона-Севиља“ (21 часот). Напред наши! 

 

Времето ќе биде во периоди со облаци и со сонце, а ќе има и скромен дождец. Што повеќе ви треба за дружење и за среќа?

Ние сме тука да ве водиме низ градот кој го вдишува првиот есенски здив со полни бели дробови. Славете го филмот, уметноста, убавата храна, љубовта, животот.

ПЕТОК

17.30 часот

Изгледа дека Дионис прво ќе наврати во хотелот „Хилтон“, поточно во „Rooftop bar“. Забавата организирана од „Grand Vin“ почнува после работното време, а ќе трае до 23 часот. На настанот ќе се дегустираат најдобрите премиум вина од Македонија. Ќе присуствуваат познати врвни вински експерти од светот и од балканскиот регион. Дегустирајте вино и уживајте во закуските подготвени од шефовите на кујната. Резервирајте си го присуството навреме, а за детали проверете – ТУКА.

18 часот

Во кино „Милениум“ со проекција на „Господ постои се вика Петрунија“ во 18 часот неофицијално почнува годинешната програма на „Киненова“. Одгледајте го македонскиот филм кој собира награди на сите страни од светот – „Господ постои, името и е Петрунија“, во режија на Теона С.Митевска.

19 часот

Земете доза на добра книжевност. Би ви дошла како фантастично мезе пред првата викенд- „пијачка“. Затоа, не ја пропуштајте промоцијата на „Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“ од авторката Билјана Велковска, која ќе се случува во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. Книгата ги осветлува двете страни на паричката наречена човек.

Во исто време, на различно место, поточно, на сцената од Факултетот за драмски уметности – Скопје, ќе се одржи перформативна промоција на книгата „Дијалози во еднина“ од Ана Стојаноска. Обид на авторката да напише нарација без нарација, само со помош на дијалози. Читателот е оставен да ги слуша, односно, чита, разговорите и сам да учествува во нивната динамичност. Ние доаѓаме, а вие? Вреди да се види жанрот кој не е сместен во ниеден жанр.

Израдувајте ги дечињата со претставата „Малата сирена“ која се игра во нашиот омилен театар – Театарот за деца и младинци. Најнежната приказна во светот која ќе не порасне за сто сантиметри во висина и ширина на духот!

20 часот

Време е за супер филмчиња, почнува „КинеНова“. Браво мајстори! Официјалниот дел е закажан за 20 часот со свеченост на која ќе биде доделено признанието за посебен придонес во светската филмска уметност, чиј лауреат годинава е актерката Тања Бошковиќ и со проекција на филмот „Таткото“ на бугарските автори Кристина Грозева и Петар Валчанов.

Во исто време, ама на различно место може да уживате во театарската ретка уметност. Ако не знаете, откријте што е „Но театар“. „Но“ е една од двете најпознати форми на јапонскиот театар, со „Кабуки“ зазема значајно место во јапонското културно наследство, а послужил (и служи) за инспирација на врвните европски драмски работници. Сцената, глумците, костимите, маските, движењето – се само некои од елементите на една „Но“ претстава. Фасцинираат! Името „Но“ потекнува од истоимениот збор што значи талент и вештина. Самиот театар не е ништо налик на тоа што го сретнуваме во драмските форми на западното општество. Ако сте љубопитни да видите како тоа изгледа (а би требало да бидете!), не пропуштајте да си купите билет во Македонскиот Народен Театар, каде за првпат ќе се изведе традиционална уметност од Но Театарот Јамамото. На сцената ќе има 21 учесници, вклучувајќи и тројца носители на сертификат за нематеријално културно добро, доделен од страна на Владата на Јапонија. Титлот ќе биде на англиски и на македонски јазик.

Во „Синеплекс“ почна да се проектира филмот „Џокер“. Од студиото на Warner ни доаѓа приказната за најпознатиот негативец од Готам Сити. Има куп прокеции, одберете си го времето – ТУКА. 

САБОТА

10 часот

Посетете го Кокино. Истражете ги древните пејзажи, завладејте од троновите на старите племенски владетели и погледнете го небото низ карпестите нишани како што тоа го правеле првите набљудувачи пред илјадници години! Билети – ТУКА. 

11 часот

Откако Дионис, малку ќе се одмори во „Хилтон“, продолжува со „точење“ врвно вино, во истиот хотел, ама на настанот Vranec World Day. Имено, Здружението „Вина од Македонија” организира настан, за кои велат, дека е од исклучителна важност за винската индустрија во Македонија – одбележување на најважната винска сорта „Вранец“. Карти за винскиот салон може да си купите  – ТУКА. 

Во исто време, пред фонтана во Градски парк, се организира спортско – забавен ден за сите љубители на спортот и фудбалот. Организатор е Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) заедно со своите партнери и спортски пријатели, па ако сте со спортски дух и АКО СТЕ ЗА ЗАБАВА, информирајте се – ТУКА.

14 часот

Ете ти го пак Дионис, богот на виното. Има закажано во Винарија Стоби, Градско. Ќе се дегустира вино и мезе. Ќе гостуваат фраерките од групата „Фрајле“. Сѐ што треба да направите за ваше двочасовно концертно уживање е да купите влезници преку www.karti.com.mk и www.mktickets.mk.  Влезницата чини 200 денари, а 1.500 денари е групна влезница со резервација за шест луѓе, два вида прекрасно црвено (Stobi Antigona) и бело вино (Stobi Cuvee), како и даска со врвни галички сирења и кашкавал.

18 часот

Време е за филмот  ПАТУВАЊЕ ДО СОНЦЕТО, во сценарио и режија на Јесим Устаоглу, а во рамките на „КинеНова“.

19 часот

Нови ликови ќе воскреснат во Белата ноќ! Со изложбата „Night at the Gallery“ уметницата Воскресија Андреевска ja трансформира галеријата на МКЦ во една поинаква димензија низ спектарот на интензивни флуросцентни бои и ултравиолетова светлина. Таа вечер ќе се разбудат нови лица и светови, а вие слободно нурнете низ нив. Без премногу образложувања и непотребни зборови, таа остава делата да зборуваат за себе, а вам да ги чуете нивните приказни.

20 часот

Му се враќаме на филмот и на „Кинотека“. Погледнете го „СОЖАЛУВАЊЕ“ во режија на Бабис Макридис, а по него, во 22 часот следува „ЧОВЕКОЈ КОЈ ГИ ИЗНЕНАДИ СИТЕ“ во режија на Алексеј Чупов и Наталија Меркулова.

Во исто време, во 20 часот, да си ја стоплиме душичката на друг начин. Со балетската премиера на  „Кармен“. Диригент е Бисера Чадловска.

НЕДЕЛА

9 часот

Од пред фонтана Лотус во Градски парк во Скопје почнува „Скопје трча“. Мало потсетување – подигнувањето на стартните пакети е на 4-ти и 5-ти октомври во кугланата во Спортскиот центар “Борис Трајковски“. На 4 октомври (петок) подигнувањето на стартните пакети ќе биде од 12 до 18 часот, а на 5-ти октомври (сабота) од 10 до 18 часот. Потребно е да се приложи документ за идентификација при подигање на стартниот пакет. Ајде да трчаме заедно! Годинава, околу 1.900 учесници се пријавиле да излезат на бул. „Илинден“.

11 часот

Соберете си го семејството и пријателите и дојдете во Градскиот парк, на Школка. Викнете –  НАПРЕД РОЗОВО! Настанот е во организација на Здружението „Борка“, а станува збор за симболично чекорење (прошетка) заедно со цел да им дадеме поддршка на оние чиј живот е пред огромен предизвик. Да чекориме во чест на оние кои ги загубивме. Ајде заедно активно да се вклучиме во подигнување на свеста и во борбата против ракот на дојка.

18 часот

Пак добро филмче во „Кинотека“. „АЛЕКСИ“ во сценарио и режија на Барбара Векариќ. По него следува (во 20 часот) нашиот феноменален документарец МЕДЕНА ЗЕМЈА во режија на Тамара Kотевска и Љубомир Стефанов. Ако сè уште не сте го одгледале, не се зафркавајте…Право на проекција!

Во исто време, ако сте со дечиња, ЗАДОЛЖИТЕЛНО да одите во „Планетариумот“. Ќе доживеете прекрасно визуелно предавање на тема сонце, ѕвезди, соѕвездија, планети, видливост од нашиот град, како и од други атрактивни набљудувачки точки на планетата Земја. Билетите се достапни на билетарата на МКЦ, по цена од 150 денари.

18.40 часот

Завршете го викендот гушкајќи ги најблиските. Земете ги дечињата и однесете ги на „Кралот Лав“ – најновата продукција на „Дизни“ и режисерот Џон Фавро. Ќе ве однесе на едно патување во африканската савана кадешто се раѓа идниот цар кој е „срцка“. И филмот, како и книгата, се ептен „срцки“.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот