Широките летни тераси го блокираат пристапот на пожарна и итна помош до зградите во ГТЦ

Од Град Скопје тврдат дека при изработка на проектот за реконструкција се размислувало за сè, па и за пристапот на амбулантни и противпожарни возила, но и на возилата за дотур на производи.

Проширувањето на тераси на кафулињата на Кеј 13 Ноември за дополнителни 3,5 метри, за сметка на тоа што поради реконструкција на шеталиштето претходно беа урнати постојните летни тераси, го оневозможува пристапот на возила на пожарна или на итна помош до трите кули во Градски трговски центар. Ова го тврдат жители на висококатниците, според кои сега, поради широчината на терасите, во случај на несреќа противпожарните возила не можат да се доближат до нивните згради.

– Проблем е што сега, откако Град Скопје дозволи да се прошират терасите од кафулињата на кејот преку уличката што претходно постоеше меѓу кафулињата и летните тераси сосема се оневозможи приодот до кулите. Доколку е потребно, до нив не може да се доближат ни пожарникарски возила ниту возила на итната помош. Дрвата, пак, од дрворедите се заградени со широки бетонски жардиниери и меѓу нив има тесен простор каде што може да се помине само пеш или со велосипед, но никако со возило. Јас не сум против тоа што го реконструираат кејот, тоа навистина беше потребно и убаво ќе изгледа, но прашање е колку сето тоа ќе биде функционално? Во зградите  живеат голем број семејства и мора да се обезбеди пристап во случај на несреќа – вели Младен, еден од жителите во зградите во ГТЦ.

Од Градот, пак, тврдат дека при изработка на проектот за реконструкција се размислувало за сè, па и за пристапот на овие возила, но и на возилата за дотур на производи.

– Влезот за моторни возила ќе биде исклучително рестриктивен, ќе се одвива во посебни временски интервали и ќе биде наменет само за амбулантни возила, противпожарни возила, како и за објектот на Телеком за кој Град Скопје има обврска, а ќе биде лоциран на улицата Стив Наумов. Во однос на дотурот на стока, тоа ќе се овозможи исклучиво во одредени часови преку Градскиот трговски центар, а со велосипеди преку кејот. Со овој чекор, конечно ќе ставиме ред на овој простор и ќе се спречи самоволието и хаосот од непрописно паркирани возила – велат од Градот.

Сепак, оттаму не прецизираат како овие возила во случај на потреба ќе се доближат до висококатниците од широките тераси пред кафулињата и како ќе поминат покрај широките бетонски жардиниери. Пристапната улица по која ќе можат да влезат само амбулантни возила, противпожарни и возила на вработените во Телеком, се наоѓа веднаш до кејот на Вардар, што значи од неа до зградите има два реда дрвореди, шеталиште и широки летни тераси до зградите.

Реконструкцијата на Кеј 13 Ноември трае веќе четири месеци и наскоро треба да заврши. Се уредува површина од околу 12.500 метри квадратни, каде што се изведува целосно ново поплочување, патека за лица со инвалидитет, дрворед, рефлектори за осветлување, како и електрични столбови за реализација на забраната за паркирање и движење по кејот. Проектот е во вредност од 88,6 милиони денари, пари обезбедени од буџетот на Град Скопје.

– Со реконструкцијата ќе се постават нови бетонски и електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање и движење по кејот 13 Ноември. На новиот кеј ќе биде ослободено повеќе место за велосипедистите и за пешаците преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила – објаснуваат од Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот