
Шест деца починаа во болница во Романија – претседателот се закани со нула толеранција за грешки што убиваат деца
Покрај децата коишто го изгубиле својот живот, едно е префрлено во Букурешт, едно е на онколошко одделение, а само едно дете од овој епидемиски кластер останува на интензивна нега.
Шест деца со претходни здравствени проблеми починале во болница во Романија по болничка бактериска инфекција, објави Романија журнал.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Интензивната нега, каде што биле примени децата, е затворена откако и други пациенти биле дијагностицирани со истиот микроорганизам. Повикана е епидемиолошка истрага.
Починатите деца биле од новороденчиња до 8-годишни и имале сериозни придружни состојби, вклучувајќи фулминантен менингитис, конвулзивен синдром, синдром на Едвардс, тетрапареза или епилепсија.
Неколку деца се борат за живот
Првите случаи на инфекција со бактеријата Serratia marcescens се појавиле пред повеќе од една недела, но одделот за интензивна нега останал функционален и приемите продолжиле, објавуваат локалните медиуми.
Врз основа на соопштение од болницата, во средата одделот бил затворен за приеми. Вкупно, девет деца биле инфицирани со Serratia marcescens, соопшти болницата.
Претставник на болницата изјавил:
„Бактеријата Serratia marcescens е опортуністички патоген кој генерално се развива во влажни средини и, кај имуносупресирани пациенти, може да предизвика инфекции од респираторен и уринарен тракт до сепса, со многу агресивен и фулминантен тек. Првиот случај е забележан на 7 септември. Откако идентификувавме три случаи, ги пријавивме колективно како епидемија и имплементиравме соодветни мерки, клучувајќи ограничување на приемите во зградата со одделение за интензивна нега и обука и реобука на персоналот за хигиена на рацете и протоколи за чистење. Направени се брзи самопровери и земени култури од средината на Одделението, површини, опрема, вентилација и раце на персоналот. На 16 септември се појавија дополнителни случаи. Тогаш ги зголемивме мерките со ограничување на приемот на пациенти од други околини на капацитетот на другата зграда со одделение за интензивна нега и ја зајакнавме сета претходно спроведена протоколна пракса“.
Се земале и култури од стерилни раствори и крвни продукти, во потрага по потенцијален извор или резервоар на инфекцијата, а идентификуваната бактерија е чувствителна на антибиотици, објаснил претставникот.
Шест деца починале во изминатата недела и пол, едно било префрлено во Букурешт, друго е на онколошко одделение, а само едно дете од овој епидемиски кластер останува на интензивна нега. Не се примаат нови пациенти.
Лекарите нагласуваат дека инфекцијата се јавува кај пациенти со сериозно ослабен имунитет и дека погодените деца имале тешки претходни болести.
Претседателот Дан: Нула толеранција за грешки што убиваат деца
Министерството за здравство и Владата мора да изработат конкретен план за борба против инфекциите во болниците, рече претседателот на Романија, Никушор Дан, кој оценува дека станува збор за „неприфатлива трагедија“ и бара истрага за да се утврди „дали биле сокриени информации и дали постои индивидуална одговорност“.
„Сите тие работи мора да се разјаснат и да бидат санкционирани. Побарувам целосна транспарентност во однос на резултатите од контролниот орган, санитарните инспекции и форензичките истраги, вклучително и објавување на целосните извештаи. Нула толеранција за грешки што убиваат деца е принцип што не можеме да го напуштиме“, рече Дан.
Тој потенцира дека трагедијата во Јаши „повторно потврдува структурен проблем што трае со години“.
„Во Романија, болничките инфекции и застарената инфраструктура им го загрозуваат животот на пациентите. Романија има потреба од нови болници, вистински инвестиции во интензивните оддели и цврсти протоколи за превенција и контрола на инфекциите“, посочи претседателот.
Во заклучок, тој ги повикува министерот за здравство, Александру Рогобете, и Владата, да изготват план за борба против болничките инфекции во болниците во Романија.
„Ова е заостаток во здравствениот систем што повеќе не може да се одложува“, заклучи Дан.