Шефот на палестинската дипломатија пред судот во Хаг го обвини Израел за геноцид

Ријад ал Малики / Фото EPA-EFE/Robin van Lonkhuijsen

Палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал Малики денеска на отворањето на сослушувањето за израелската окупација на палестинските територии пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг, го обвини Израел за геноцид во Појасот Газа.

– Да се ​​дозволи ова да продолжи е неприфатливо. Морална и законска обврска е да се запре што е можно поскоро, нагласи Ал Малики, пренесува Ал Џезира.

Малики тврди и дека Палестинците на Западниот Брег се жртви на „колонизација и расистичко насилство“.

Тој рече дека Обединетите нации во својата Повелба го вклучиле правото на сите народи на самоопределување и „ветиле дека ќе го ослободат светот од колонијализмот и апартхејдот“, но дека на Палестинците тоа право со децении им е ускратувано.

Меѓународниот суд на правдата денеска отвори еднонеделно рочиште за правните последици од израелската окупација на палестинските територии, на кое пред судиите треба да се обратат претставници на повеќе од 50 земји.

Се очекува, меѓу другите, да се обратат претставници на САД, Кина, Русија, Јужноафриканската Република и Египет, додека Израел нема да учествува на сослушувањето, иако испрати писмен поднесок до судот.

Сослушувањата ќе се одржуваат до 26 февруари, а потоа на судиите ќе им требаат неколку месеци за да размислат за ова прашање пред да дадат советодавно мислење.

Генералното собрание на Обединетите нации во 2022 година побара од МСП да даде советодавно, односно необврзувачко мислење за правните последици од израелската окупација на палестинските територии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот