Сезоните во скијачките центри низ Македонија ќе подранат, но инвестициите во нив доцнат со децении

попова шапка
Попова Шапка / Фото: МИА

На скијачкиот центар Маврово овој четврток официјално започнува скијачката сезона, на Попова Шапка се очекува во текот на декември да стартува скијањето, со оглед на најавените врнежи од снег.

Снежните врнежи и пониските температури годинава порано ќе ја стартуваат сезоната во ски центрите во Македонија, кои не се ниту приближно до зимските туристички центри во регионот.

За разлика од повеќе ски центри во земјите од поранешната Југославија, нашите власти и не толку вложуваат за развој на зимските туристички центри, иако се работи за планинска земја со голем потенцијал, вели Огнен Цигоски директор на ресорт Маврово.

„Ние треба постојано да учиме од ски центрите од регионот оти навистина тие нижат постојано успеси. Но, очигледно дека кај нас државата не учествува во инвестирање во планинските центри во Македонија каде има повеќе од 50 врвови, а немаме многу успешни планински приказни. Се надевам дека државата ќе земе активно учество во инвестирањето во планинските центри. Оти инвестицијата се враќа. Пример е Маврово и ние со тие инвестиции кои ги направивме успеавме да го подигнеме регионот, се градат апартмани, цената на земјиштето е зголемена и има плати повисоки. Време е државата да каже дека е подготвена да инвестира“, вели Огнен Цигоски директор на Ресорт Маврово.

Скијачкиот центар Маврово потпиша договор со олимпискиот центар Јахорина од Босна и Херцеговина, со кој туристите од двете земји со сезонска карта од еден центар ќе можат да ги користат услугите на двата центри.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Тој што има сезонска карта од Маврово ќе може да користи жичници и ски лифтови два дена во скијачкиот центар Јахорина, но и обратно.

Дејан Левениќ директор на Ски центар Јахорина од Босна и Херцеговина кој претходно десет години раководеше со скијачкиот центар Копаоник во Србија и го направи еден од најуспешните во регионот, вели дека за успешен центар потребна и јасна стратегија и јасен план од сите чинители во државата, инвеститорот, централните, но и локалните власти.

Како најважна алка во целиот процес го посочи човечкиот капитал оти без експерти во оваа област инвестициите на значат многу.

Зимските туристички центри од регионот треба да функционираат како еден, таква е праксата во западните земји, вели Левениќ од центарот Јахорина, кој има склучено договори со 12 скијалишта.

„Мислам дека треба што повеќе да работиме на заеднички проекти и да се однесуваме како еден ски центар. Вака настапуваат западните ски центри, таму 12 ски центри се здружиле во еден. Ние вакви договори имаме склучено со ски центрите низ цела поранешна Југославија и многу скијачи тоа го искористуваат. Од друга страна нашиот ски центар Јахорина ја започна ски сезоната. Ние вложивме многу во жичници, нова снежна инсталација, имаме многу повеќе туристи и оваа сезона веќе е распродадена. Имаме гости од Кина, Европа и цел свет. Вие имате најдобар потенцијал од сите земји од поранешна Југославија. Имате високи планини, тука во Маврово имате езеро за заснежување. Ние немаме море и ни останува да вложуваме во планини, но важно е да се има добри експерти оти грешките скапо ќе чинат. Мора да се здружат сите и централни и локални власти за да се развие туризамот. Сега е полесно да се најдат пари за инвестирање, но човечкиот капитал е малку потешко да се најде, мора да има експерти“, изјава Дејан Левениќ директор на Ски центар Јехорина.

Босанскиот амбасадор во земјава Драган Јачимовиќ смета дека само преку заеднички проекти и соработка може да имаме успешни туртистички приказни. Го поздрави договорот за скијање со една карта во ски центрите Маврово и Јахорина, истакнувајќи дека само ваквите чекори ќе придонесат за зголемување на странските туристи во двете земји.

„Ова е големо задоволство да се подржи туризмот. Од минатиот месец имаме директна линија Скопје- Саравево што ќе придонесе за зголемување на бројот на тиристи и особено ми е драго што повеќе од 22 % е зголемен бројот на туристи од Босна во Македонија и обратно, ние ќе воведеме и авионска линија Бања Лука – Охрид така да работиме“, рече босанскиот амбасадор во земјава Драган Јачимовиќ.

А дека не се вложува во центрите, говори и состојбата во скијачкиот центар Попова Шапка, каде се уште нема никави инвестиции од најавениот инвестициски план на компанијата од Италија „Техно Алпин“ која според Владата и раководството на центарот требаше да инвестира во инсталација во вештачки снег, изградба на 600 нови паркинг места, две нови скијачки патеки, изградба на два хотела, како и две нови жичарници со шест и осум седишта.

Инвестиции требаше да започнат оваа пролет, на на терен се уште нема никакви активности. Од раководоството на скијачкиот центар Попова Шапка, велат дека моментално само се вршат редовните контроли на сите жичници пред почетокот на ски сезоната.

Оттаму неодамна за „Слободен печат“ само кусо изјавија дека се уште течат преговорите со потенцијалниот странски инвеститор за Попова Шапка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот