Сериозно нарушен имиџот на суперсилата

Напад во Капитол Хил / Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Џејкоб Ентони Ченсли, познат како „Кју шаман“, а за кого се верува дека е еден од организаторите на нападите во вашингтонскиот Капитол, фотографиран со копје и шлем со рогови за време на немирите на приврзаниците на Трамп, е уапсен и обвинет.

Тој е обвинет за свесно влегување во зграда на Конгресот без законско овластување, како и за насилно влегување и несоодветно однесување.

Уапсени се уште неколку демонстранти, кои насилно влегоа во зградата на Конгресот, откако претходно го пробија полицискиот кордон. Се наведува дека истрагата предводена од Бирото за федерални истраги (ФБИ) во која се користи софтвер за препознавање на лица е при крај и дека наскоро пред правосудните органи ќе бидат изведени сите организатори на немилиот настан.

Во меѓувреме се направени и сите неопходни подготовки за инаугурацијата на новиот претседател на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, кој на функцијата ќе стапи на 20 јануари, под засилена безбедносна контрола, со која е предвидено поголемиот дел од главниот град на земјата да биде затворен за посетители. Во Конгресот е најавена дебата по повод можниот импичмент на претседателот Доналд Трамп, па може да случи неговиот мандат да заврши една недела порано од тоа што беше предвидено.

На 14, 15 или 20 јануари сеедно, со заминувањето на Трамп од Белата куќа, според многумина ќе заврши периодот на хаос, кој не само што ја дестабилизираше Америка, туку направи огромни штети во светот, а тука пред сè се мисли на нарушените односи на суперсилата и нејзините децениски сојузници. Релациите со Европската Унија (ЕУ) и САД се далеку од идеални, а истото може да се каже и за односите во Северноатлантската воена алијанса (НАТО).

Во последните четири години е евидентирано и рапидно зголемување на моќта на Русија и Кина, кои покрај тоа што ги врзува интересот за економска соработка, овие земји се во сојуз пред сè поради заедничката борба против светската доминација на САД.

Стаписани сојузниците од НАТО

Затоа работата на новата администрација предводена од Бајден, воопшто нема да биде лесна.

– Американското општество е најнефункционалното и најподеленото меѓу индустриски развиените држави во светот – смета британскиот аналитичар Ијан Бремер.

Тој смета дека еден од главните проблеми за состојбите во земјата е политиката на Трамп, која може да се сумира со предизборниот слоган „Америка на првото место“. Но, аналитичарот тврди дека покрај тоа што таквата политика на поделби предизвикала проблеми во САД, хаосот завладеал и во американското влијание во Обединетите нации и НАТО, како и во релациите со сојузниците.

На немилите настани од минатата недела, прв реагираше генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој видно стаписан од шокантните сцени во Вашингтон, истакна дека резултатот од изборите мора да се почитува.

– Кој можеше да поверува дека е возможно Столтенберг да даде ваков коментар, кој ќе се однесува на најбитната земја во НАТО? Вакво нешто е очекувано за Белорусија или за Венецуела – пишува друг аналитичар, Џонатан Маркус.

Згрозените Европејци

Слична реакција пристигна и од Брисел, од врвот на Европската Унија. Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел смета дека шокантните настани во Вашингтон мора да бидат повик за будење за сите поборници за демократијата во светот, со потсетување дека светот мора посилно да се бори против дезинформациите и нееднаквоста и да ја обнови глобалната соработка за унапредување на владеењето на правото и демократските вредности.

Борел изјави дека е шокиран, како и сите приврзаници на демократијата и пријатели на САД низ светот, од сцените видени во Вашингтон, каде што масите го напаѓаа Капитол хил за да го спречат гласањето за потврда на Џо Бајден за претседател.

Тој додаде дека зачудувачките настани од средата покажуваат колку е оштетено и поделено американското општество по четири години администрација на Доналд Трамп.

– Она што беше видено во средата е само врвот на многу загрижувачките настани што се случија на глобално ниво во последниве години. Тоа мора да биде повик за будење на поборниците на демократијата. Да се бориме против заблудите и нападите врз демократските вредности и да ги надминеме поделбите во нашите општества. Не само во САД – порача Борел.

Тој посочи дека причината за загрижувачкиот успех на противниците на демократијата ширум светот е поврзана и со значителниот раст на нееднаквоста во општествата од двете страни на Атлантикот, со кои мора да се води борба.

Секако дека Бајден ќе се обиде уште на самиот старт од својот мандат да го поправи односот со сојузниците, но голем број на аналитичари се плашат дека тоа воопшто нема да биде лесно, бидејќи премногу работи започнале да се развиваат во различни правци во последните четири години, за да тоа биде набрзина поправено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот