
Села бара одговорност од Таравари, Алијанса се подели
Раскол во Алијанса за Албанците откако лидерот Арбен Таравари преку Фејсбук повика партиските органи да го поддржат за изборен настап со албанската опозиција предводена од Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши, а генералниот секретар Кренар Лога повика на самостоен настап на изборите. Ваквите позиции во врвот на партијата речиси е извесно дека ќе предизвикаат поделба на Алијанса за Албанците.
Препорачано
Разидувањата селеда откако Таравари прво со Меџити, Касами и Гаши се сретна со косовскиот премиер Албин Курти во Приштина, а вчера по средбата со претседателот на Централното собрание Зијадин Села оствари средба и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, техничкиот премиер Талат Џафери и министер на која според медиумите добил понуда која „не се одбива“ за настап во европскиот фронт.
Висок функционер од Алијанса за „Слободен печат“ брифира дека Таравари не може преку Фејсбук да повикува со кого партијата ќе настапи на изборите. Партијата нема информации кои се понудите од Европскиот сојуз за промени (ЕСП) ниту пак понудата на Ахмети и дека Таравари никого во партијата не информирал.
Според функционерот, понудата на ЕСП е Таравари да биде претседателски кандидат на опозицијата, а соодносот на пратеничките листи да биде 60 за Меџити, Касами и Гаши, 10 за Самоопределување и 30 отсто што би значело околу 4 – 5 пратеници за Алијанса за Албанците. Ова за Села и за тројцата потпретседатели како и за други функционери од Алијанса е политички срам.
Неофицијално, понудата на Ахмети била Алијанса на пратеничките листи да добие позиции со кои би ги задржала актуелните осум пратенички мандати. Последната одлука на Централното престедателство на Алијанса е за самостоен изборен настап и се очекуваше да биде свикано Централното собрание за да донесе конечна одлука како ќе настапи на парламентарните избори.
Таравари попладнево ги изненади сопартијците откако на Фејсбук повика за изборењн настап со опозициската ЕСП. За потсетување, по средбата на Таравари во Косово, излегоа информации дека прашање на денови е кога Таравари ќе објави дека Алијанса на изборите ќе оди со ЕСП. Тогаш Таравари демантираше дека има било каква одлука и потенцира дека за изборниот настап ќе одлучи Централното собрание.
-Граѓанинот бара Промена! Народот бара политички систем ослободен од корупциската епидемија, која стана најголема пречка за благосостојбата и развојот на Албанците во Северна Македонија. Како претседател на Алијанса за Албанците, јавно го повикувам партиското Собрание да ме поддржи на ова патување и заедно да го поздравиме овој процес кој го нарекувам голема и долго чекана промена – напиша Таравари на Фејсбук.
Ова предизвика експресна реакција од генералниот секретар Лога, кој на Фејсбук возврати:
-Ве информирам дека Алијанса за Албанците не разгледува никакви барања до своите партиски тела, Управниот совет, Централното претседателство и Централното собрание за изборите. Во сила има одлука на Централното претседателство, кое е изгласано едногласно да излеземе на избори сами. Го повикувам Собранието да се придржува до едногласниот предлог на Претседателството, а тоа е АА да излезе сама на парламентарни избори – напиша Лога на Фејсбук.
Се огласи и претседателот на Собранието Зијадин Села кој е на линија со Лога.

-Како претседател на Централното собрание на Алијансата за Албанците, до овој момент не сум информиран за никаква понуда за коалиција со друга политичка партија. Од средбите што неодамна ги остварив со шефовите на ограноците и другите партиски структури, исто така, информиран сум дека никој од нив не знае за писмена понуда врз основа на што треба да се одлучи, напиша Села на Фејсбук.
Села влезе во директна војна со Таравари и додава дека поединецот, во случајов претседателот на партијата не е орган на одлучување.
-Тој има право да предлага до органот кој има право да одлучува, а тоа е Претседателството на партијата кое во моментот има една одлука, а тоа е дека Алијансата за Албанците се натпреварува сама на изборите. Друго тело за одлучување е партиското Собрание. Шверцерските тенденции на партијата за сметка на не знам кој преку Фејсбук статус е сериозно кршење на Статутот на партијата за што претседателот на партијата мора да одговара пред партиските органи. Обидите да се разјасни ставот искажан преку социјалните мрежи од страна на претседателот на партијата како лична одлука е кукавички чин кој сериозно ги нарушува идеолошките линии на Алијансата за Албанците – вели Села.
На линија со Села е и потпретседателот Елми Азири:
-Чудна комуникација на партискиот лидер со партиските тела преку социјалните мрежи! Партиските тела се избираат легитимно! Суспендирањето од социјалните медиуми не му служи на духот на Алијансата што го изгради. Коалициските понуди сè уште не пристигнаа во партиските органи! Единствената одлука на раководството на партијата е Алијансата да излезе сама на избори – напиша Азири.
Додека пратеникот Халил Снопче застана зад лидерот на партијата и ја објави објавата на Таравари.
По расколот меѓу Таравари и Села се огласиja лидерите на ЕСП Меџити, Касами и Гаши. Меџити и Касами на Фејсбук напишаа:
-Духот на единството ќе ја донесе долгоочекуваната победа.
Тие објави фотографија од средбата со Курти.

Одлуката на Таравари ја поздрави и Гаши:
-Одлуката на претседателот на АА, кој го слушна гласот на Албанците и се нареди со албанската опозиција, е последен печат на докази дека на 8 мај ќе дојде промената за Албанците во Северна Македонија. Единството прави моќ. Моќта тече од народот.
Превирањата во Алијанса добија замав по средбата на Таравари со Курти и лидерите на ЕСП, а за која Села обвини дека не бил информиран ни тој, ниту партијата. По ова Села ги собра шефовите на партиските ограноци, но не го покани Таравари. За вчерашната средба меѓу Села и Таравари и двајцата тврдеа дека нема ништо невообичаено, а Села демантираше дека сака да ја преземе партијата.