Секој со свои математики, но „една единица“ уште нема преодна оценка

Избори / Фото: МИА

Штуро соопштение објави министерот за правда Бојан Маричиќ по средбата на Работната група, задолжена за измени на Изборниот законик. На маса во Клубот на пратениците беше и Предлог-законот за една изборна единица,  доставен во Собранието од  ДС, ЛДП, ДОМ, Левица и пратеникот од коалицијата предводена од СДСМ, Панчо Минов, за кој Владата даде негативно мислење, со образложение дека измените на Законикот се носат со консензус.

Воопшто не е изненадување тоа што Владата, предводена токму од партијата која имаше предизборно ветување за една изборна единица, го одби Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик во насока на една изборна единица, поднесен од група пратеници. Напротив, оваа власт предводена од СДСМ, исполнува исклучиво ветувања кои никогаш ги нема споменато пред народот туку ги има дадено на трети страни во служба на туѓи интереси, реагираше Левица.

ДУИ се плаши дека ќе изгуби два пратеника со тој модел

Различни се позициите на „големите партии“ поова прашање. ВМРО-ДПМНЕ најверојатно ќе го  услови донесувањето на Предлог-законот со барање градоначалник да се избира уште во првиот круг на локалните избори, што за другите политички партии не е прифатливо, дознава „Слободен печат“. Нашите извори не ја исклучуваат ниту можноста партијата на Христијан Мицкоски да инсистира во Предлог законот да се вметне и изборен праг, што е апсолутно неприфатливо за  помалите партии. Извори во ДС, ДОМ и ЛДП велат дека ќе инсистираат „барем првите парламентарни избори во Македонија – како една изборна единица, да бидат без изборен праг, кој понатаму би можел да се дефинира“.

Вториот проблем за идејата за една изборна единица е ДУИ. Извори во партијата на Али Ахмети за „Слободен печат“ велат дека се во дилема околу поддршката за една изборна единица. Партиските математики во „централата“ во Мала Речица покажале  дека со таков изборен модел губат еден или двајца пратеници. ДУИ бара три изборни едници, бидејќи во шестата ИЕ добиваат пратеник со 6.000 гласови. Доколку Македонија стане една ИЕ, тој цензус би се зголемил. Во другите изборни единици за едно пратеничко место треба да гласаат и до 9.000 граѓани.

Алијанса за Албанците/Алтернатива  предлагаат осум изборни единици, но како на  „помала“ партија им одговара и една изборна едници. СДСМ јавно се декларира дека како изборно ветување дава поддршка за една изборна едница.

Зауздување на етноцентризмот и трибализмот

Зоран Димитровски од Демократскиот сојуз (ДС) за „Слободен печат“ вели дека партиите се со различни позиции  за една изборна единица, но и за отворените изборни листи, иако се работи на постигнување на консензус.

– Очекуваме да се реализира она што беше ветување и на Социјалдемократскиот сојуз и на Заев – дека ќе бидат донесени измени на Изборниот законик, Македонија да биде една изборна единица. Ние како ДС баравме реализирање на ова ветување уште во првите три месеци по формирање на владата.  Сега тоа прашање е на дневен ред.  Крајно време е Македонија да биде една изборна единица за да можат да бидат претствени интересите на сите граѓани подеднакво. Така ќе се демонтира двопартискиот политички систем кој што со децении владее во Македонија – вели Димитровски.

Во помалите партии велат дека доколу не се постигне договор за една изборна единица, тогаш тоа е јасен сигнал дека „големите“ сакаат во Македонија и понатаму да остане политичкиот модел – две партии на Македонците и две на Албанците постојано да се менуваат како власт или опозиција, а помалите и понатаму да бидат привезоци. „Со ваков изборен модел, граѓаните во Собранието не се реално претставени, а јавноста постојано е сведок дека таквиот систем не произведува демократија и просперитет за граѓаните,“ е ставот на помалите партии.

Територијалната поделба на Македонија и постојниот изборен модел се кроени за задоволување на етничките интереси на албанските партии, сметаат од Левица.

– Промената во насока на организирање на целата територија на Македонија, како една изборна единица, не само што ќе доведе до поправична застапеност на волјата на народот и разбивање на хегемонијата на двете партии, туку и ќе го заузда етноцентризмот и трибализмот кој е вкоренет во сите пори на политичкиот систем на државата – велат од Левица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот