
Секој си тера правда на свој начин
Утврдивме целосно различно постапување помеѓу различни апелациски подрачја, различни судови, па дури и различни судии во ист суд, вели за „Слободен печат“ Натали Петровска од коалицијата „Сите за правично судење“
Неуедначеноста во судската пракса го оптоварува судството подолг период, а надлежни органи, како Судскиот совет и Врховниот суд, не прибираат и не обработуваат податоци кои се однесуваат на уедначеноста на постапувањето на судовите, особено во насока на уедначена примена на практиката на Европскиот суд за човекови права, вели за „Слободен печат“ Натали Петровска од коалицијата „Сите за правично судење“.
Препорачано
Таа смета дека обидот за решавање на проблемот со усвојувањето на Законот за одмерување на видот и висината на казната не беше посериозен чекор напред за надминување на проблемот.
– Потврда за ваквата состојба е нашето истражување, со кое утврдивме целосно различно постапување помеѓу различни апелациски подрачја, различни судови, па дури и различни судии во истиот суд. Освен формалната структура на пресудите, може да се забележи сосема различно толкување на законите, применување на различна правна логика во однос на утврдување на фактичката состојба и постоењето на некое кривично дело. Големи разлики се утврдени во санкциите за исти кривични дела, толкувањето на одредбите е формалистичко и рестриктивно, отсуствува примената на одредби од меѓународни конвенции, отсуствуваат или различно се применуваат ставовите на Европскиот суд за човекови права – смета Петровска.